Достапни линкови

Усвоени измените на изборниот законик


Пратениците во Собранието на десет минути по полноќ ги изгласаат измените во изборниот законик. Со 92 гласа „за“, три „против“ и само еден „воздржан“, по скратена постапка ги донесоа измените кои претходно политичките партии ги договорија во Пржино. Измените се однесуваат на избирачкиот список и можноста ДИК да брише гласачи кои нема да се пријават во дадениот рок, односно со нив се предвидува ДИК да може да ги брише од избирачкиот список 39.502-та гласачи, кои се сметаат за спорни, доколку тие не се пријават во предвидениот рок. Во посебен член е наведено дека 171.500 лица се сметаат за граѓани кои се на привремена работа или привремен престој во странство и тие се запишуваат во посебен извод на избирачкиот список. Се предвидува новата влада, која треба да ги спроведе изборите согласно договорот од Пржино, да биде изгласана во Собранието 100 дена пред денот на изборите.

На почетокот на седницата координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, побара предлог-законот да се повлече од дневен ред поради технички грешки, но неговиот предлог не беше прифатен. За неговиот предлог гласаа 15 пратеници, а 76 беа против.

Предлог за измените на изборниот законик во Собранието ги поднесоа пратениците Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Сугарески од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.

XS
SM
MD
LG