Достапни линкови

logo-print

Избирачкиот список - третирање на последиците, а не на проблемот


Околу 170 илјади гласачи ќе бидат ставени на посебна листа, а околу 40 илјади спорни во рок од 25 дена треба самите да се пријават за гласање, во спротивно нема да имаат право на глас.

Договореното прочистување на избирачкиот список сега е третирање на последици, а не на вистинскиот проблем со кој се среќава системот кој го генерира и продуцира списокот, оценува извршниот директор на граѓанската асоцијација МОСТ Дарко Алексов.

Според партискиот договор од средата, околу 170 илјади гласачи ќе бидат ставени на посебна листа, а околу 40 илјади спорни во рок од 25 дена треба самите да се пријават за гласање, во спротивно нема да имаат право на глас.

Алексов нагласува дека списокот е основата за да се има доверба во изборниот процес, а во Македонија тој се проблематизира уште од 1998 година.

„Ваквиот избирачки список е последица, а моментната недоверба во него е исто така последица меѓутоа од нетранспарентноста и немањето волја на Државната изборна комисија, отворено, јавно и недвосмислено да ги објасни бројките што произлегоа од вкрстените проверки од базите на институциите“, вели Алексов.

Мал, но позитивен чекор, кој се сомневам дека ќе ја врати довербата во избирачкиот список, коментира и Џабир Дерала од невладината организација Цивил, која исто така го надгледува изборниот процес.

„Секое решение е подобро отколку пасивноста која беше евидентна во изминатиот период во целиот процес, не само тој што се однесуваше на избирачкиот список“, вели Дерала кој нагласува дека недовербата сега е и поради тоа што претходно се споменуваа многу поголеми бројки спорни гласачи.

И тој и Алексов сметаат дека Државната изборна комисија треба посериозно да се оттргне од политичките влијанија.

„Сè додека не постигнеме концепт со кој избирачкиот список ќе се третира како статистичко-математичко-демографска операција, а нема да се третира како највисока политичка игра на политичката сцена во Македонија, сè дотогаш довербата во избирачкиот список ќе ја нема и ќе се наруши комплетно довербата во изборниот процес“, вели Алексов.

Во неделното интервју на Радио Слободна Европа, тој оценува и дека најважна е политичката волја за да се спроведе каков било договор. Тоа што се случи во минатиот период од година и пол не ни дава право да бидеме оптимисти дека на 31 август партиите ќе речат дека сè е добро и дека ќе се оди на избори, додава Алексов.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG