Достапни линкови

logo-print

Двојните аршини на судот ќе може да се надминат само со специјализиран судски оддел кој ќе постапува по предметите на Специјалното јавно обвинителство, смета граѓанскиот сектор. Тие бараат законски измени, нов состав на Судскиот совет, посебен оддел во УБК и во полицијата за соработка со СЈО, за да се стави крај на, како што велат, селективната правда.

Промена во составот на Судскиот совет и воведување на специјализиран судски оддел кој ќе постапува по предметите на специјалното јавно обвинителство се клучните барања на граѓанскиот сектор за подобрување на состојбите во судството. Овие измени ќе помогнат за судиите конечно да ја стекнат независноста и да ја практикуваат судската власт на начин којшто им е даден со Уставот, вели Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет.

Определувањето на мерка притвор е само еден од примерите за двојните аршни на судот, вели тој. Во 99 проценти од барања за притвор на Обвинителството за организиран криминал и корупција, судот одредил притвор, а во еден процент била одредена мерка куќен притвор, додека судот одбил 95 отсто од барањата за притвор на Специјалното јавно обвинителство.

„Оттука јасно е дека Основниот суд во Скопје за едни е мајка, за други е маќеа. Тоа говори за неговата пристрасност кон СЈО, односно во зависност од предлагачот различно одлучува. Ова не е единствената причина зашто ни треба специјализирано судско одделение“, вели Стојановски.

Тој додава дека тоа нема да биде вонреден суд, а како пример за тоа го посочува одделението кое се занимава со организиран криминал и корупција.

„Меѓутоа, ова решение има и голем број на предизвици, не е лесно остварливо. Ќе треба двотретинско мнозинство, а знаете дека таму се наоѓаат луѓе кои ја предизвикале оваа криза која сега треба да се решава преку судски пат. Потоа, именувањето и надзорот ќе треба да го врши Судскиот совет според Уставот и оттаму предлагаме смена во неговиот состав, затоа што не можеме да очекуваме дека тие би именувале и потоа би вршеле независен надзор на судиите во специјализираното судско одделение“, вели тој.

Со едно вакво одделение судиите ќе може да го унапредат правниот систем и да го искористат за да ја стекнат својата независност на начин на кој тоа го стори Специјалното јавно обвинителство кое според анкетите ужива голема доверба во јавноста, објаснува Стојановски.

Поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска, не се согласува со идејата дека специјален судски оддел ќе придонесе за стекнување на независност во судовите.

„Сметам дека судиите имаа доволно време да ја покажат својата независност во работењето откако беше формирано Специјалното јавно обвинителство, имајќи ги предвид постојните законски одредби од законот за кривична постапка во делот на собирање односно третирање на доказите“, вели таа.

Граѓанскиот сектор со Итните демократски реформи предлага да се обезбеди непречена работа на Специјалното јавно обвинителство преку соработка на сите државни органи, можност на СЈО да предлага заштитени сведоци, посебен оддел во рамките на Управата за безбедност и контраразузнавање – УБК, независен тим од правосудна полиција, како и продолжување на рокот за поднесување обвинителни акти од 18 на 24 месеци, затоа што аболицијата веќе закочи голем дел од постапките.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG