Достапни линкови

Јубилејно, петто издание на манифестацијата „На зајдисонце“


Архивска фотографија
Архивска фотографија

Со бројни културно-забавни содржини за сите генерации, од 20 до 28 јули, во охридската крајезерска населба Трпејца, ќе се одржи петтото јубилејно издание на манифестацијата „На зајдисонце“, која со осмислениот концепт се потврди како убав пример за промоција на уметноста, природните реткости на овој крај и особено неговите големи туристички потенцијали.

Она што беше повеќе желба отколку заокружен концепт на поединци и на Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ од Охрид, во изминатава половина декада полека се издигна во здраво обмислена идеја која завредува особено внимание. Крајезерската охридска населба, селото со најубаво зајдисонце, доби културно-забавна манифестација со којашто може да се гордее. И што е поважно, која од лето до лето се потврдува како убав пример за промоција на уметноста, природните реткости на крајот и особено неговите туристички потенцијали.

А, сè почиваше и почива на осознаената потреба дека нешто треба да се стори. Да се анимира јавноста низ содржини што би биле податливи и пожелувани да се видат.

Во дослух со ова, и овој пат, на почетокот од деветдневните случувања, неколку интересни културни пројави. Најнапред видео презентација на изминатите изданија на манифестацијата, потем промоција на второто дополнето издание на книгата со анегдоти насловена „Веселото кајче“ и отворање на фото-изложбата „Од моите патувања“ на трпејчанецот Никола Павлески.

За текстовите, разбирливо, задолжена беше актерката Марија Кондовска, а пригодната реч за вкупното творештво на авторот ја одржа писателот и публицист Мишо Јузмески. И во продолжение, за несекојдневно заокружување на воведот, концерт на КУД „Ѓердан“ од Охрид.

Во деновите што следуваат ќе бидат одржани повеќе културни, едукативни и спортски содржини, наменети како за локалното население, уште повеќе и за гостите кои летуваат во тоа познато место на источниот брег од Езерото. Од предавања за превенција од крвно и сексуално преносливи болести (Здружение „Опција“), работилница за цртање што ќе ја води уметникот Слободан Пупиноски, појаснувања за тајните на изработката на охридскиот бисер (презентер Михајло Филев), до презентација на флората и фауната на Охридското Езеро.

Згора на тоа тука се и редовните содржини како натпреварите во шах, домино, табла, оние во фаќање риба со јадица, потоа школите за шах, цртање, пливање (за нив вообичаено е задолжена професор Соња Думбалова -Делова) и за странски јазици за најмладите.

Со нагласено внимание, пак, и во оваа пригода ќе бидат проследени Вечерната музичка променада „Со кајче по Езерото“ што ја потпишуваат учениците од Основното музичко училиште „Методи Патче“ од Охрид, кајакарската регата како и традиционалниот излет на рекреативната патека „Чоколско“ во близина на селото. На летната сцена, пак, ќе биде прикажан и документарецот „Охрид, град галерија“ посветен на најпознатите охридски уметници од новинарот и публицист м-р Милчо Јованоски.

„Документарниот филм „Охрид, град галерија“ всушност е една ретроспектива или показ на најдобрите ликовни уметници кои виреат на охридскиот простор. Кои Охрид го имаат во својата душа и се разбира заедно со тоа и Езерото. Направени се по 10-минутни, мали колажи од посетите на атељеата на познатите Вангел Наумоски, Јоне Симонче, Живко Пејоски, Јордан Манасиески и Славко Упевче. Едноставно тоа е еден простор во кој ние сакавме да ја покажеме нивната уметничка зрелост и воедно на светот да му го покажеме она што тие го создавале во годините наназад. Да покажеме дека Охрид не е само природна убавина и културно наследство, туку и уметници, луѓе кои дишат со културата и кои знаат што сакаат и на кој начин да го презентираат градот под Самоиловата тврдина“ вели Јовановски.

Тој, како еден од иницијаторите и организаторите на манифестацијата, за актуелната програма ќе рече дека е плод на желбата достојно да се одбележи јубилејот и како посебности ги издвојува Вечерта со музичарот, сликар и поет Трајан Ристески, промоцијата на новиот албум на наследниците на легендарниот охридски ансамбл БИЛЈАНА и, особено, презентацијата на вевчанските уметници на манифестацијата. Оваа самосвојна целина ќе го понуди перформансот на младата оперска певица Викторија Чочороска и претставувањето на книгата со афоризми „Од кол на кол“ на Сашо Бетоски, а планирана е за спуштање на завесата на манифестацијата „На зајдисонце 2016“.

Се очекува случувањата и ова лето да ги проследат над 3000 посетители, туристи и жители на селото, годишноодморци од соседните Пештани, Градиште и Љубаништа, гости на Охрид, со што ќе биде исполнета и целта на организаторите. Преку промоција, пред сè на познати и признати уметници секој во својата област, со поддршка и отворена афирмација на млади таленти кои потекнуваат од овој дел на земјата, да се збогати културната понуда во ова туристичко место и воопшто на охридскиот брег.

„Полека ја остваруваме целта Трпејца да се најде на културната, но и уште повеќе на туристичката мапа и да биде барана како дестинација. И, се разбира сите да го доживеат она бисерно синило на водата, но и зајдисонцето кое е најкарактеристично и по кое ја крстивме оваа манифестација“, истакнува Милчо Јовановски.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG