Достапни линкови

Уште многу работа пред датумот за избори


Се отвора можност да се организираат кредибилни избори на кои ќе учествуваат сите и избори на кои народот ќе одлучи кому ќе му ја даде довербата, изјави Никола Тодоров, член на ИО на ВМРО-ДПМНЕ, по денешните разговори за излез од политичката криза.

Тодоров нагласи оти очекува дека на овие избори народот ќе може да одлучи и да поддржи проекти и дела, градби, реформи, наместо, како што рече, уништување и криза.

„Со овој договор се гарантира дека СДСМ ќе биде оневозможена да прави масовни партиски чистки во МВР и оти со ова по завршувањето на изборите завршува и мандатот на преодната влада“, изјави Тодоров.

Тој рече дека било прифатено тоа што го барале СДСМ за Избирачкиот список. Сто седумдесет и една илјада лица, како што појасни, ќе бидат на посебен избирачки список обележани со ѕвездичка и нивното право на гласање не е доведено воопшто во прашање. Втора група од 39 илјади имаат обврска во определен временски период да се регистрираат. Доколку не се регистрираат, информира Тодоров, нема да бидат вклучени во Избирачкиот список, но ќе може да бидат повторно вклучени доколку се пријават во тек на јавниот увид за Избирачкиот список за време на изборите.

Тој се надева дека СДСМ ќе се држи до договорот.

Радмила Шеќеринска од СДСМ вели дека овој договор го обезбедува што тие го ветиле на почетокот дека прво ќе се инсистира да се обезбедат услови за фер и демократски избори, а дури потоа да се обезбеди договор за датумот на изборите, а Законот за внатрешни работи кој што беше голем проблем во преговорите ќе биде одложен за следната година.

„Сите договорени услови за обезбедување фер и демократски избори вклучително балансиран и целосен пристап на сите учесници кај медиумите, чистење на Избирачкиот список, учество во преодна влада која ќе организира вакви избори политичките партии ќе треба да ги потврдат на средба која ќе се организирана крајот на август“, рече Шеќеринска.

Артан Груби од ДУИ потенцираше дека единствен можен датум за избори годинава е 11 декември според тоа што е потпишано во договорот.

Договорот, појасни, исто така предвидува и ангажман на Собранието и на Владата околу евроатлантските интеграции, како и спроведување на Охридскиот договор и анализата предвидена во Извештајот на ЕУ.

Тој рече и дека за првпат во историјата на Македонија министер за внатрешни работи ќе биде Албанец. Се договориле по изборите заменик министерот во МВР кој ќе биде од ДУИ, да го земе министерското место од рацете на технички назначениот министер од редовите на СДСМ, без разлика кој е исходот на изборите.

XS
SM
MD
LG