Достапни линкови

Мигрантите во Табановце не бараат азил во Македонија


Во кампот во Табановце сега престојуваат само 70-ина лица, семејства со деца од Сирија. Мигрантите трпеливо очекуваат да заминат во некоја од западноевропските земји. Само седум лица од вкупно поминатите до сега побарале азил во Македонија.

Мирно е и тивко до попладневните часови во Транзитниот центар за мигранти во Табановце, на железничкиот граничен премин, на македонско-српската граница. Тие живнуваат доцна попладне, зашто, како што раскажуваат вработените, по цели ноќи се будни. Од околу илјада и 500 поминати, во кампот веќе пет месеци престојуваат само 70-ина лица, семејства со деца од Сирија.

Горан Стојановски од Центарот за управување со кризи вели дека мигрантите се трпеливи во очекувањето да заминат во некоја од западноевропските земји. Само седум лица од вкупно поминатите до сега побарале азил во Македонија.

Без оглед на случувањата и се повеќе нарушената безбедност од терористички напади во западноевропските земји и воениот удар во Турција, мигрантите не се откажуваат од нивната зацртана крајна дестинација, појаснува Стојановски.

„Тие кога пошле на пат зацртале во нивните глави да заминат во некоја земја од ЕУ, првенствено Германија. Тие тоа сакаат и да го остварат. Во своите земји тие отуѓиле се што имале, или пак им е разурнато во војната, според разговорите со нив. Но, им се случува блокада и останаа тука. Овие што се тука веројатно имаат помалку пари, а и немаат контакти надвор од Македонија, за разлика од оние кои заминаа.“

Горан Стојановски.

Горан Стојановски.

Меѓутоа, според Стојановски актуелните случувања наведуваат на индиции на нов бегалски бран.

„Ова што се случува во Република Турција провоцира нова можност, зашто тие три ипол милиони бегалци се исплашени за нивната состојба таму во камповите во кои што престојуваат. Очекуваме од северноафриканскиот бран кој се уште функционира, преку Јадранско Море, Сицилија, Италија, да се сврти наваму. Има и криминогени активности, но ние, заедно со „Винојуг“ Гевгелија сме подготвени да ги прифаќаме, доколку дојдат наваму.“

Стојановски вели дека веројатно и сега има криминогени групи кои сакаат да „тргуваат“ со бегалците, дека се случува некои илегално да пристигнат во кампот и да побараат помош, а не ретко има и бегалци кои доаѓаат во кампот по неуспешен обид да преминат во Србија.

Населението во месноста Сланиште каде што е лоциран кампот, според Стојановски се однесува многу човечки и со емпатија кон нив.

Виолета, жител на Сланиште вели дека и сега се случува некој да побара мала помош.

„Храна бараат главно. Им даваме, зошто да не им помогнеме, зарем ние да сме на нивно место. Некогаш децата излегуваат и играат со нашите, деца се деца. Главно бараат зеленчук, пиперки, патлиџани, јајца, компири. Некои од нив земаат без пари, а некои не сакаат, зависи и од човек, а и од тоа какво му е чарето.“

Таа додава дека не се зближуваат со нив затоа што населението не знае англиски јазик.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG