Достапни линкови

Еврообврзница со поголема камата


Министерот за финансии Кирил Миноски.

Министерот за финансии Кирил Миноски.

Македонија се задолжува со 450 милиони евра, но овојпат по повисока камата. Власта обвинува дека опозицијата е виновна за повисоката камата. СДСМ повторува дека постапката е незаконска и дека сите инволвирани ќе одговараат.

Македонија издаде еврообврзницата во вредност од 450 милиони евра по купонска каматна стапка од 5.625 проценти годишно и рочност од 7 години, соопштува Министерството за финансии. Според нив, тоа се исклучително поволни услови со оглед на сложената политичката ситуација во земјата. Сегашната камата е повисока од претходно најавуваните 5 отсто, а Министерството за тоа ја обвинува опозицијата и, како што велат, нејзините злонамерни опструкции.

Средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби во фискалните 2016 и 2017 година, како и за отплата на долгови кои доспеваат. Владиниот тим успеа да ги обезбеди неопходните средства значајни за одржување на макроекономската стабилност и развојниот тренд на македонската економија, велат од Министерството за финансии.

Оттаму посочуваат дека постапката за издавање на еврообврзницата се одвиваше согласно сите законски прописи.

Минататиот четврток еврообврзницата која требаше да тежи до 650 милиони евра беше одложена откако член на опозицискиот СДСМ упати писмо до доверителите кои требаше да тргуваат со неа. Одлуката за новото задолжување предизвика партиски препукувања и протести.

СДСМ денеска преку соопштение повторно го оспорува издавањето на еврообврзницата. Од партијата велат дека Никола Груевски и неговите послушници и соработници попладнево го извршиле најголемото финансиско злосторство во историјата на земјата и дека за тоа ќе одговараат. Во соопштението стои дека според досегашните нивни информации, издадена е еврообврзница на износ од 550 милиони евра, но овојпат со повисока камата од 5.875 проценти што треба д аја плаќаат граѓаните.

„Вкупната сума што ќе треба да ја отплаќаат идните генерации изнесува 776.2 милиони евра! Јавниот долг на Македонија од денеска изнесува 5 милијарди евра или 54 проценти од БДП и тоа без скриените долгови. Вакво расипничко и неодговорно управување со јавните финансии не е забележано во ниедна европска држава“, стои во соопштението.

Од партијата додаваат дека во престојниот период ќе ги искористат сите механизми да спречат непродуктивни трошења на овие пари од најновото задолжување.

Економскиот аналитичар и активист Бранимир Јовановиќ, при презентацијата на документот за реформи што го подготви граѓанскиот сектор, претпладнево, рече дека не треба да се продолжи со издавањето на еврообврзницата поради недисциплина во фискалната политика и поради нетранспарентноста.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG