Достапни линкови

logo-print

Стари идеи во ново пакување за решавање на кризата


По разговорите во резиденцијата на американскиот амбасадор Џес Бејли, тој рече дека имало интересна идеја и дека се надева на договор до крајот на неделава.

Не се работи за некој сосема нов предлог, туку за собрани стари идеи во врска со спорното прашање за ингеренциите на министерот за внатрешни работи, велат извори вклучени во преговорите на работната група. По разговорите во резиденцијата на американскиот амбасадор Џес Бејли, тој рече дека имало интересна идеја и дека се надевал на договор до крајот на неделава.

Извори од опозицијата велат дека сè уште не може да се каже дека договор со сигурност ќе има, но дека е можно да се постигне. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е непринципиелно да го кажат предлогот што бил на маса додека не се произнесат сите партии вклучени во разговорите.

Минатата недела оптимист за можен договор беше претставничка на СДСМ во разговорите Радмила Шеќеринска, а неделава претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров.

„Сметам дека политичките партии позитивно настапуваат во јавноста, од една страна за да го охрабрат нивното членство, а од друга страна јавноста да добие впечаток дека се тие конструктивните и се наоѓаат во подобра позиција“, вели политикологот Митко Гаџовски.

И тој смета дека е можен договор до крајот на неделава со оглед на тоа дека другите прашања - избирачкиот список и медиумите се веќе договорени.

Аналитичарот Арсим Синани, пак, целиот оптимизам го темели само врз странските претставници. Ако американскиот амбасадор рече дека е можен договор до крајот на неделава, тогаш и треба да го очекуваме тоа, вели Синани.

„Јас не им верувам на домашните политичари бидејќи тие се покажаа како несериозни и со нивното однесување нè доведоа во оваа ситуација. Повеќе им верувам на претставниците на западните земји кои го спонзорираат договорот“, вели Синани.

Инаку преговорите се запнати кај ингеренциите на министерот за внатрешни работи, а ВМРО-ДПМНЕ бара доколку СДСМ изгуби на изборите, нивните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и дополнителните заменици-министри да се повлечат веднаш по изборите. Тодоров рече дека тие бараат оневозможување на масовни партиски промени во МВР. СДСМ, пак, сметаат дека никој нема право да ограничува ингеренции на министер што му следуваат по Устав и закон. На преговорите учествуваат и претставниците на ДУИ и ДПА, Артан Груби и Имер Алиу.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG