Достапни линкови

logo-print

Трамп на чекор до претседателската кандидатура


Конвенцијата на Републиканската партија почна со метеж, откако критичарите на Доналд Трамп не успеаја да обезбедат поединечно гласање за да го покажат нивното противење на неговата претседателска кандидатура. Сега е сигурно дека по четиридневната конвенција во Кливленд, Трамп ќе се трка на изборите на 8 ноември.

Лидерите на Републиканската партија во почетокот усвоија правила за конвенцијата при што го отфрлија барањето, претставниците на сојузните држави да гласаат со прозивка што претходно го поднесоа противниците на најверојатниот пртетседателски кандидат Доналд Трамп.

На конвенцијата на која учествуваат 2 илјади делегати треба да биде потврдена претседателската кандидатура, а гласањето на делегатите на сојузните држави со прозивање беше последна надеж на крилото на Републиканската партија која сака да спречи Трамп да ги претставува на изборите во ноември.

Стотици противници на Трамп гласно протестираа откако претседавачот на конвенцијата Стив Вомак прогласи дека правилата за гласање се усвоени.

„Гласање со прозивка, гласање со прозивка“, почна да се слуша во салата која некои и демонстративно ја напуштија.

Барањето на противниците на Трамп беше отфрлено, иако претходно тие поднесоа петиција со гласови од најмалку девет држави, што според нив, било доволно да се издејствува гласање со прозивање.

Според посматрачите, одобрувањето на правилата што му одговораат на Трамп бил уште еден пример за сојузот искован меѓу штабот на Трамп и раководството на Републиканската партија.

Станува збор за надминување на поранешните тензии меѓу двете страни и за преовладување на заемниот интерес да ги пребродат поделбите во партијата.

На таков начин, според партиските аналитичари, Трамп може да биде поконкурентен во соочувањето со кандидатот на Демократската партија Хилари Клинтон.

Милијардерот и ѕвездата во телевизиски риалити шоуа Доналд Трамп досега никогаш немал некаква јавна функција.

Со неговата остра реторика и обвинувања дека американскиот политички систем е наместен, тој успеа да ја добие поддршката на повеќето републиканци.

Трамп предизвика контроверзи со неговите повици за изградба на ѕид на границата меѓу Мексико и САД и за спречлување на влегувањето муслимани во земјата со цел да се подобри безбедноста на Американците.

Иако не беше предвидено за првиот ден на конвенцијата, се појави и Доналд Трамп кој ја претстави својата сопруга Меланија.

Таа изјави дека Доналд, доколку биде избран за претседател ќе ги претставува сите Американци без оглед на расата, верата или богатството. И самата имигрантка од Словенија и поранешен модел, таа додаде дека Доналд Трамп премногу ја сака Америка.

Инаку, конвенцијата на Демократската партија треба да се одржи во наредната недела во Филаделфија и на неа најверојатно за претседатслки кандидат ќе биде избрана Хилари Клинтон.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG