Достапни линкови

logo-print

Горко го донира „Љубов“ на Црвен крст Битола


„Љубов“ е насловен албумот на актерот Петар Горко на кој се најдоа негови интерпретации на некои од најубавите македонски песни забележани на трите концертни настапи – во Магаза, Старата чаршија и на перформансот со групата КАЛАБАЛАК во селото Слепче, а станува збор за некомерцијално издание кое тој го донираше на општинската организација на Црвен крст – Битола.

Љубовта е составен дел од мојот живот и моето убедување. Мојата филозофија и начин на живеење која е еднаква на Бог. И таа љубов почнува во семејството и продолжува према останатите семејства.

Со овие зборови актерот Петар Горко ја почнува сторијата врзана за неговата актуелна аудио објава насловена како „Љубов“. Појаснувајќи ја сопствената замисла, тој истакнува дека токму и затоа на обвивката од компакт дискот се нашол цртеж на неговата ќерка, тогаш второодделенката Јована, на кој се нашле „мама, тато, бато и јас“.

„Совршено ми се вклопи во мојата идеја дека љубовта во семејството е основата за здраво развивање и на децата и на целокупната фамилија и дека тоа е единствениот начин како сите можеме да придонесеме за подобрување на нештата. Кога дома ќе тргнеме да ги подобриме нештата, веројатно сè ќе биде подобро и во професијата и во останатите односи со луѓето“, вели тој.

Од друга страна, во случајов, особено е бележит гестот на Горко и на сите негови пријатели инволвирани во проектот, албумот да го донираат на општинската организација на Црвен крст – Битола. Актерот вели дека на овој начин сакал едноставно да им се заблагодари на своите најголеми поддржувачи на концертните и на сите други јавни настапи.

„Да им се заблагодарам на младите кои се волонтери, кои уживаат во љубовта кон волонтерството и кон хуманото. Такви млади, денес, ретко можеме да најдеме во нашава земја, а би сакал да ги има во масовен број. Да размислуваат квалитетно, здраво, хумано и универзално кон целото. Затоа одлучивме дека тоа цеде треба да му припадне на Црвен крст кој со него веројатно ќе се обиде да собира некаков доброволен прилог што ќе го намени на различни целни групи. Се разбира онаму кадешто ќе оценат дека најмногу треба“, вели актерот.

Инаку, „Љубов“ како издание е следбеник на видео објавата „Каква и да си – дојди!“ од пред неколку години. Се работи за документ на кој се поместени неговите доживеани интерпретации на 15 песни како „Зошто ми се срдиш либе?“, „Русе ле моме“, „Молчи молчи љубов моја“, „Ако одам во Битола“, „Не кани ме“, снимени на концертните настапи во Магаза, Старата чаршија и на перформансот „Подманастирска душа“ со групата КАЛАБАЛАК во селото Слепче.

Говорејќи за сопствената потреба да глуми, да рецитира поезија и да пее, Петар Горко истакнува дека многупати досега на матичната сцена во Битолскиот народен театар учествувал во проекти каде што до израз доаѓале неговите вокални квалитети и вештини. Како пример за тоа ја издвојува „Печалбари“ од 2000 година и вели дека на таквите зафати допрва со сето срце ќе им се предава.

„Секој глумец треба да биде сестран, онолку колку што се разбира е талентиран. Онолку колку што му дал Господ. И затоа сите мои страни ги претставувам преку овие мои концерти, но не сакам да се прикажам како интерпретатор или пејач. Јас сум актер. Значи владеам со актерското пеење. Еден од оние кои со многу драма, со многу емоција ги изнесува нештата на малку поинаков начин“, вели Горко.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG