Достапни линкови

Партиските преговори се селат во резиденцијата на Бејли


Претставниците на четирите политички партии потписници на Договорот од Пржино денеска ќе ги продолжат разговорите за отворените прашања што го попречуваат решавањето на политичката криза. Поради отсуството од земјата на амбасадорот на ЕУ Аиво Орав кој е на консултации во Брисел, средбата ќе се одржи во резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли.

Заменик-претседателот на Собранието и член на највисоките партиски тела на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски денеска изјави дека смета оти има можности да се најде одреден компромис доколку има политичка волја тој да се постигне и оти верува дека во следните неколку дена ќе има повеќе позитивни вести.

Во однос на датмуот за избори, Милошоски рече дека во ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека е важно политичките партии, особено СДСМ да кажат дали се подготвени за избори и дали сакаат да има избори бидејќи ги барале во претходните две години.

Последната средба меѓу партиските претставници се случи во петокот. Тогаш амбасадорот на САД, Бејли изјави дека се зборувало за многу чуствителни прашања и оти за време на викендот партиите треба да размислат за овие прашања. Бејли кажа дека амбасадорите се оптимисти и дека доколку има политичка волја ќе се решат сите прашања.

На меѓупартиските средби присуствуваат Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ, Радмила Шеќеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА, како и амбасадорите на САД и ЕУ. Денеска наместо Орав на средбата ќе посредува неговиот заменик.

XS
SM
MD
LG