Достапни линкови

logo-print

Изборите два пати беа одложувани поради тврдењето на опозицијата дека не се исполнети условите. Сега, власта е таа која одолговлекува, сметаат аналитичарите.

Април, јуни, ноември, декември - во последнава година сите овие месеци беа споменувани како изборни во Македонија. Првите два пати беа одложени поради барање на опозицијата која тврдеше дека не биле исполнети условите. Сега одолговлекувањето на преговорите во Пржино и одложувањето на изборите им одговара на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, смета аналитичарот Џељаљ Незири. Тој прогнозира дека најдобрата варијанта за владејачките партии се изборите да се одржат дури во 2018 година, односно во редовниот термин.

„Мислам дека нивната стратегија е да се заборави кризата, да се оттргне од Македонија вниманието што го посветува странскиот фактор и да се остават изборите да се спроведат во 2018 година, а дотогаш да го вратат нивното влијание врз институциите“, вели Незири.

Според него, на опозицијата, пак, сега и одговарале избори поскоро, оти анкетите покажувале дека имало благ пораст на рејтингот и најверојатно нивните процени биле дека ќе биде во раст до крајот на годинава.

Професор Темелко Ристески исто така смета дека на владејачките партии им одговарало да се одложат изборите, но тој типува на друг период - 2017 година, заедно со редовните локални избори.

„На локално ниво владејачката гарнитура има нешто повеќе направено, правеа по селата патчиња, уличиња нешто на ситно, но тоа за граѓаните многу значи. Имајќи го предвид тоа, очекуваат дека ќе имаат поголема поддршка на локалните избори и истовремено на изборите за пратеници ако се спојат“, вели Ристески.

Дополнително, според Незири, врз одолговлекувањето на преговорите, а со тоа и на изборите, влијае и неизвесноста со еврообрзницата од 650 милиони евра, чие издавање беше одложено поради писмо од опозицијата.

„Јас мислам дека тие пари и се потребни на власта за да оди на избори. Пред секои избори имаме зголемување на пензии, социјални трансфери, исплата на сите заостанати субвенции, значи власта ги употребува буџетските пари секогаш пред избори за да издејствува подобар резултат“, вели Незири.

Главна причина за одолговлекувањето на преговорите во Пржино сега се ингеренциите на министерот за внатрешни работи кој би требало да биде од опозицијата. Другите две прашања - избирачкиот список и медиумите се договорени, но договорот ќе важи само ако е во пакет, инсистираат од СДСМ. Од таму не сакаат да лицитираат со датуми за избори, но нагласуваат дека евалуацијата на спроведеното би требала да се изврши од 10 до 20 август, па ако е сè како што треба, би се формирала техничка влада која би требало да има сто дена мандат. Тоа всушност би значело избори во првата половина од декември.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG