Достапни линкови

Кумановскиот совет бара средување на состојбите во градот


Илустрација: Седница на Совет на Општина Куманово

Илустрација: Седница на Совет на Општина Куманово

Отстранување на нелегалното кафуле од плоштадот и дислоцирање на дрвосечачите од центарот на Куманово, бараат советниците и од власта и од опозицијата.

Општинскиот буџет во изминатото тримесечје е преполовен, што е проекција на намалената економска моќ на граѓаните, велат упатените во локалната самоуправа, но тоа не е причина во градот да владее безредие поради несовесните граѓани и недоволна функционалност на институциите, забележуваат некои од советниците во општинскиот Совет и од владејачката и од опозициската коалиција. Градоначалникот Зоран Дамјановски бара од надлежните да преземат соодветни мерки за средување на евидентните состојби.

Советниците ја потсетија локалната администрација за започнување изградба на инфраструктура во месноста Гладно Поље, дислоцирање од големиот плоштад нелегално поставено мобилно кафуле, за сменување локација на дрвосечачите и лесни товарни возила од центарот на градот, за чистење на ураснати тревни површини од кои веќе се појавиле влекачи.

„Конкретно, на градскиот плоштад е поставен времен објект кој има функција на кафуле. Првично добив одговор дека се работи за одредена хуманитарна акција од некое лице или претпријатие, но всушност на местото се уверив дека се работи за класичен бизнис, продажба на пијалаци и давање услуги“, вели Максим Димитриевски од СДСМ.

Тој додава дека на една од претходните седници на барање на Здружението на угостителите биле донесени измени за стандарди при поставување времени објекти и урбана опрема, за да се одбегнат нелегалните дејствија.

Градоначалникот Дамјановски појаснува дека одобрението за две тезги било со намена за продажба на природни сокови, за време од 60 денови, а средствата да бидат донирани на деца без родители. Меѓутоа, организаторот си земал за право да постави шанкови и тенди, на што реагирала инспекцијата. Сепак, заради ненарушување на празничните чувства, ифтарот, не се преземени ригорозни мерки.

На ова Димитриевски реагира дека „некој во Општина Куманово презема акти на самовластие“.

„Мислам дека се знае како треба надлежните да постапат“, рече тој.

Димитриевски побара да се отстрани мобилното кафуле, затоа што реагираат граѓаните кои живеат во централното градско јадро, а тој што го злоупотребил одобрението да биде санкциониран.

Мирослав Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ предочи дека дрвосечачите кои со нивните моторни алатки се паркирани во центарот на градот треба да се дислоцираат, оти се закана за безбедноста во сообраќајот.

„Секојдневно се соочуваме со присуството на дрвосечачите лоцирани околу зградата во која е Архивот на Куманово, каде што се распослани со машини, моторни пили, така што сме принудени да ги прескокнуваме и какви се не акробации да правиме за да поминеме“, рече Стојановски.

Тој посочи дека не е против нивната работа, но треба да им се обезбеди соодветна локација. Градоначалникот ги прифаќа забелешките и појаснува дека била предложена локација во близина на градскиот Кеј, но веројатно ќе треба заедничка интервенција на комуналната инспекција и полицијата. Такви интервенции имаше и во близина на зелените пазари.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG