Достапни линкови

Уставноста на СЈО адут во рацете на власта


Седница на Уставен суд.

Седница на Уставен суд.

Уставниот суд не ја исклучува можноста во текот на летните одмори да се расправа за иницијативата за уставноста на Специјалното јавно обвинителство. Поранешни судии велат дека ова прашање е адут во рацете на власта, па неговото разрешување зависи од динамиката на спроведувањето на договореното од Пржино.

Деловникот на Уставниот суд остава можност на претседателката на Судот Елена Гошева да свика вонредна седница во текот на летните одмори доколку таа процени дека има потреба или пак доколку група на судии побараат од неа да свика седница на која ќе може да се разгледува иницијативата за проверка на уставноста на Специјалното јавно обвинителство.

Ако има зголемен притисок од јавноста и партиите или ако има политичка желба за целосно разрешување на политичката криза и да се тргне ова прашање од масата, тогаш претседателката Гошева по сопствена проценка може да свика седница и за време на летните одмори, вели поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски.

Тој објаснува дека од прогласувањето на независноста на Македонија до сега не била свикана ниту една вонредна седница за време на летните одмори. Но додава дека во услови на политичка криза сè е можно, иако не очекува тоа сега да се разгледува, затоа што смета дека власта по ова прашање ќе калкулира и ќе го искористи како адут кога политички најмногу ќе и одговара.

Ивановски посочува две можни сценарија. Првото е - ако е на повидок целосно разрешување на политичката криза власта да ја злоупотреби оваа иницијатива за компромитирање на евентуалниот излез на кризата.

А второто сценарио зависи од динамиката на работата на Специјалното јавно обвинителство кое досега во јавноста објави 5 од вкупно 35-те предмети за кои се прогласи за надлежно.

„Ако СЈО ги ефектуира сите постапки кои ги започна, ако се оди кон тоа да ги активира токму тие најбитните предмети и поведе постапка, поведе обвинение против првите луѓе кои што даваат тон на целата оваа збрка во државата, тогаш евентуално може да се постави иницијативата и тој Уставен суд ако продолжи како и досега со ова мнозинство што го има, може да се обиде да калкулира“, вели тој.

Ивановски вели дека ако Уставниот суд сакаше да ја разгледува оваа иницијатива досега имаше доволно време да ја разгледа и да постапи по неа, односно да ја отфрли, затоа што Специјалното јавно обвинителство според него не е е противуставна институција.

Тој стравува дека мнозинството во Уставниот суд заедно со власта сакаат да ја продолжат агонијата и да го минираат целиот процес на борбата за демократија и зацврстување на темелите на владеењето на правото.

„Дел од уставните судии како да сакаат да станат гробари на поредокот, како да сакаат да станат монструми или гробари на иднината своја и на своите деца, во таа линија ако тие што имаат такви намери да ја блокираат таа работа мислам дека во најмала рака е здраворазумски отсутно“, вели тој.

Иницијативата со која се оспорува Специјалното обвинителство ја поднесоа претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров и Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе. За нив е спорно што со донесувањето на Законот, постојаното Јавно обвинителство не е веќе „единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела, туку со закон е воведен специјален јавен обвинител кој работи врз основа на овластувања што ги нема во Уставот“.

Клучното барање на Шарената револуција беше Уставниот суд да се произнесе за уставноста на законот за СЈО, за да може тимот на Катица Јанева слободно и независно да продолжи со истрагите поврзани со таканаречените бомби кои открија криминал кај високи политички функционери. Во неколку ситуации до сега демонстрантите беа спречени од полицијата да протестираат пред вратите на Уставниот суд.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG