Достапни линкови

Ѓулен: пучот во Турција, холивудски филм


Собири на поддршка за Ердоган
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:03 0:00

Собири на поддршка за Ердоган

Поддржувачи на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и синоќа излегоа во градовите за да му дадат поддршка по неуспешниот обид за државен удар во кој загинаа над 290 луѓе. Турските власти уапсиле над 6 илјади луѓе, откако Ердоган вети дека ќе продолжи чистењето на државните институции.

Приврзаниците на Ердоган, виорејќи турски знамиња го преплавија централниот плоштад Таксим во Истанбул на истото место каде што пред три години имаше масовни антивладини протести.

Собири на поддршка имаше и во други градови во Турција како и пред претседателската палата во Анкара.

Иако се очекуваше дека на овој собир ќе се појави и Ердоган, тој тоа не го стори, а на насобраните им се обрати министерот за земјоделство Фарук Челик.

Претходно, Ердоган, говорејќи на погребот на една од жртвите во Истанбул, прецизира дека институциите ќе бидат исчистени од поддржувачите на свешетникот Фетула Ѓулен кој се наоѓа во доброволен егзил во Соединетите Држави, а за кој турските власти сметаат дека стоел зад пучот.

Ѓулен ги отфрла обвинувањата

„Тоа би можело да биде смислен државен удар за да се покренат судски обвиненија против сите кои се против власта“, изјави тој во Пенсилванија, додавајќи дека демократија не може да се постигне преку воена акција.

„Кога ќе ја погледнете целата слика, тоа не потсетува на вистински пуч, тоа наликува на холивудски филм. Тие не ги чепнаа политичките лидери. Тие одат по цивили. Тие пукаа во цивили“, рече Ѓулен.

Тој ги повтори критиките против владата на претседателот Ердоган.

„Се чини дека тие немаат толеранција за секое движење, секоја група, било која организација која не е под нивна целосна контрола“, изјави 77-годишниот Фетула Ѓулен, кој додаде дека не е загрижен во врска со барањата на турските власти за негова екстрадиција во Турција.

Ѓулен своевремено беше близок соработник на Ердоган и неговата партија која има исламистички корени и која долго време има затегнати односи со војската.

Фетула Ѓулен
Фетула Ѓулен

Таа, пак, во минатото беше позната по воените удари во одбрана на секуларизмот во земјата.

Меѓу уапсените се и околу 2 илјади и 700 судии, како и Али Јазичи воен советник на претседателот Ердоган.

Ердоган ја има лојалноста на милиони Турци, особено за подигањето на животниот стандард и за воспоставувањето ред во економијата која редовно ја одликуваа големи кризи.

Од друга страна, неговата конзервативна религиозна визија за иднината на Турција отуѓи многу обични граѓани кои го обвинуваат за авторитаризам.

Полицијата употреби тешка сила во 2013 година за да ги потисне масовните протести на кои се бараше повеќе слобода.

Успешното соборување на Ердоган, кој владее во земјата од 2003 година, според аналитичарите, ќе означеше уште една голема сеизмичка промена на Блискиот Исток, пет години по Арапската пролет која меѓу другото, беше причина Сирија, јужниот сосед на Турција да влезе во страшна граѓанска војна.

Сепак, неуспешниот обид, според посматрачите, се уште може да ја дестабилизира оваа членка на НАТО што се наоѓа меѓу Европската унија и хаосот во Сирија и која е соочена со самобиствени напади од милитантите на Исламската држава и од курдските сепаратисти.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG