Достапни линкови

logo-print

Апсења низ Турција, Ердоган бара од САД екстрадиција на Ѓулен


Турските власти затворија илјадници лица осомничени за вмешаност во неуспешниот обид за воен удар и ја затворија воздухопловната база што силите предводени од САД ја користат за воздушни напади врз Исламската држава.

Авионите исто така, почнаа да слетуваат на аеродромот Ататурк во Истанбул уште во текот на вчерашниот ден, а земјата полека се враќа во нормала по обидот за државен удар во кој загинаа најмалку 265 луѓе, а повеќе од 1.400 се повредени.

Турските власти уапсија висок судија и турскиот командант на Единицата за брзо реакција на НАТО под обвиненијата за предавство, по државниот удар, кој започна кон крајот на 15 јули, кога дел од турската војска објави дека дошла на власт во земјата.

Анкара веднаш излезе со обвинување дека зад обидот за удар стои мрежа на поддржувачи на 75-годишниот муслимански свештеник Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во државата Пенсилванија во САД. Ѓулен ги демантираше обвинувањата и изјави дека тој „нема сознанија“ за обид за државен удар и осуди каков било насилен обид за соборување на турската влада, на која тој е жесток критичар. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на собирот во Истанбул вчера побара од американските претставници да го екстрадираат Ѓулен. Тој живее во САД од 1999 година.

Американскиот државен секретар Џон Кери изјави вчера дека администрацијата на Обама ќе го разгледа барањето за екстрадиција на Ѓулен, но ќе се согласат само ако Анкара покаже јасен доказ за вмешаност на муслиманскиот свештеник во државниот удар. Говорејќи во Луксембург, Кери рече дека Турција официјално не побарала екстрадиција на Ѓулен.

XS
SM
MD
LG