Достапни линкови

Ердоган: воениот удар спречен, сурови казни за пучистите


Генералштабот на турската армија веќе е под контрола на провладините сили, но мала група војници се уште пружа отпор и контролира неколку воени хеликоптери, изјави висок турски претставник. Тој додаде дека пучистите користат хеликоптери и оти нападите врз Парламентот и претседателската палата во Анкара веќе целосно се прекинати.

Ниту една сила не е над народот и одговорните за бунтот ќе го добијат неопходниот одговор, независно од тоа на која институција и припаѓаат, изјави рано изутринава турскиот претседател Реџеп Таип Еродган во обраќање до нацијата од истанбулскиот аеродром „Ататурк“. Лицата одговорни за обидот за воен преврат ќе бидат најсурово казнети, порача Ердоган. Тој нагласи дека обидот за воен удар бил насочен против единството и сплотеноста на нацијата, но бил спречен. Ердоган во обраќањето повторно го обвини муслиманскиот проповедник Абдулах Ѓулен, кој се наоѓа во доброволен егзил во американската сојузна држава Пенсилванија, дека стои зад обидот за воен удар во Турција.

Шефот на турската полиција Џељалетин Лекесиз претходно изјави дека 16 пучисти загинале во судирите во зградата на командата на воената полиција во текот на ноќта, а други 250 се уапсени, Друг турски официјален претставник истакна дека 29 полковници и петмина генерали се сменети поради обидот за воен удар. Исто така се приведени 754 војници. Меѓу уапсените е генерал Мемдух Хакбилен началник на турската команда за егејскиот регион.

Според последните информации, загинале најмалку 60 луѓе, а најголем број од нив се цивили.

XS
SM
MD
LG