Достапни линкови

Кери и Лавров им оддадоа почит на загинатите во Ница


Американскиот државен секретар Џон Кери и неговиот руски колега Сергеј Лавров денеска ја посетија француската амбасада во Москва, каде што положија цвеќе во чест на загинатите во синоќешниот терористички напад во Ница, во кој загинаа 84 луѓе, а стотици се повредени. Кери и Лавров се потпишаа во книгата на жалост во амбасадата. Претходно, тие имаа четиричасовна средба во Москва на која разговараа за заедничките напори против тероризмот, војните во Украина и во Сирија, како и за напорите за разрешување на спорот меѓу Ереван и Баку околу отцепениот азербејџански регион Нагорно-Карабах. Кери синоќа се сретна и со рускиот претседател Владимир Путин, по што оцени дека разговорите биле продуктивни и сериозни. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, рече дека средбата била „конструктивна, искрена и детална“, но оти „се уште има многу отворени прашања поврзани со вистинската интеракција“ меѓу Русија и САД во воените операции против Исламската држава и Сирија.

XS
SM
MD
LG