Достапни линкови

logo-print

Во последната студија „Барометар на среќата и надежта“ на „Галуп интернешнел“ половина од Македонците или поточно 51 процент се изјасниле дека се среќни. Најголем дел од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека најсреќни ги прави нивното семејство и најблиските. На некои, пак, среќата им е поврзана и со политичките случувања во земјата.

Среќата е чувство кое го поседува секој човек, барем така вели Википедија, при што некогаш поединецот не е свесен за среќата која ја има. Среќата, како што е наведено на слободната енциклопедија може да биде различна и се смета дека работите кои нè прават среќни се мали и безначајни, а работите кои нè растажуваат се големи. Постојат и бројни обиди за мерење на среќата кај луѓето.

Во последната студија „Барометар на среќата и надежта“ на „Галуп интернешнел“ половина од Македонците или поточно 51 процент се изјасниле дека се среќни. Истражувањето за земјата било спроведено во периодот од 3 до 11 ноември минатата година од „Брима Галуп“, македонскиот член на асоцијацијата. Споредбено со претходното истражување на Галуп, се покажува дека Македонците се малку посреќни или четири отсто во однос на порано. Околу 35 отсто од граѓаните одговориле дека ниту се среќни, ниту се несреќни. Додека 11 проценти соопштиле дека се несреќни, а 2 отсто немале одговор. Индексот на нето-среќа во Македонија изнесува 40 отсто и е понизок за 16 проценти од глобалниот просек. Најголем дел од граѓаните кои ги анкетиравме велат дека најсреќни ги прави нивното семејство и најблиските.

Среќата е во семејството, а и во партијата

„Мене ме прави пресреќна мојата ќерка, која е дипломиран стоматолог и таа ми е најголемата мотивација.“

„Семејството и опкружувањето со убавина која што ни ја пружи Владата и ВМРО-ДПМНЕ.“

„Пријателите, друштвото и излегувањата со нив“, велат анкетираните граѓани.

Македонија пак според Индексот на среќа на магазинот „MoveHub”, објавен на крајот на 2014 година се наоѓа на дното на Балканот, како и во Европа и во светот. Земјата се најде на 143-тото место од 151 земја во која се мери благосостојбата на жителите. Македонија се најде во групата со Бахреин, Того, Катар и Гвинеја. Социологот Илија Ацески вели дека има десетина елементи кои ја формираат претставата на секој поединец што е среќа. Според него, некој може да ги има исполнето повеќето од тие елементи и пак да се чувствува несреќен. Но, од социолошки аспект, како што наведува Ацески, Македонците себе си се доживуваат како несреќни луѓе.

„Тоа значи дека во тој корпус на компоненти кои ја формираат среќата кои делуваат однадвор пред сè една ситуација, која подолго време се случува во Македонија, не сега туку последниве 20 години од процесот на транзиција, кој што го зафати поголемиот дел од населението. Тоа чувство од сопствениот живот е на едно многу ниско ниво барем кај најголем дел од луѓето во Македонија. Таа констатација стои и може да се објаснува од овие околности, пред сè социјални, економски и политички и многу прашања не решени. Многу од луѓето се надвор од задоволување на тие основни елементарни потреби кои ја формираат таа претстава за среќа“, вели Ацески.

Нека има здравје и пари

Социологот Ѓорѓи Тоновски вели дека среќата е многу растеглива категорија и може да се дефинира на различни начини и според различни индикатори да се определува.

„Меѓутоа генерално среќата се врзува, најчесто за неколку базични критериуми. Тоа се прво здравјето, второ успехот во средината во која што човекот живее, а трето е кариерата и четврто благосостојбата во која што живее или не живее индивидуата“, вели Тоновски.

Според него, среќата на индивидуата секогаш е поврзана со социјалната заедница и со здравствената состојба на поединецот.

„Но во секој случај повеќе од евидентно е дека политичката состојба и кризата што ја живееме, натаму недовршената транзиција која секојдневно не оптеретува, потоа многубројните социјални проблеми кои ги среќаваме околу нас почнувајќи од невработеност, безнадежност, па се до она што се случува со семејните заедници во Македонија почнувајќи од можноста да се регулира една таква заедница и да се живее во неа значи сепак придонесуваат една значајна голема категорија луѓе да се чувствува несреќно“, вели тој.

Внатрешните фактори за среќа, како што додава Ацески се индивидуални и различни кај сите личности. Но според него, надворешните фактори како самата организација на општеството, неразвиено граѓанско општество и односите меѓу луѓето ги прават Македонците заробеници на традиционалната култура, која во основа е малограѓанска. Поголемиот дел од луѓето, како што смета Ацески не знаат да се радуваат на среќата на другиот.

Тоа е важна компонента кога се говори за надворешните фактори, додава Ацески и која ја создава системот во кој се нема доверба оти победува најдобриот или пак се спречува истиот за да ги оствари неговите цели.

Тоновски смета дека Македонците генерално не се среќни луѓе, како што би биле оние кои живеат во Луксембург, Aнглија или некоја друга земја од ЕУ.

Вечни песимисти

На прашањето во студијата на Галуп Интернешнел дали граѓаните сметаат дека оваа година ќе им биде подобра или полоша од минатата, 34 отсто од испитаниците се изјасниле како оптимисти. Речиси исто толку или 25 проценти сметаат дека 2016 ќе биде полоша, а 36 отсто дека ќе биде иста. Одговор немале 5 отсто од граѓаните. Индексот на нето-надеж во Македонија, според студијата изнесува 9 отсто и е помал за 29 отсто од глобалниот просек. Она што би ги направило среќни во иднина граѓаните велат дека пред се е добрата здравствена состојба, како и вработувања за младите и високи плати.

„Животот ни треба да биде мирен, да нема штрајкови и ништо такво за да бидеме раат и да си шетаме, а за моето семејство се најубаво сакам. Не е во парата животот, туку во здравјето.“

„Само здравје посакувам.“

„На младите и на целата популација им посакувам повеќе вработувања и повеќе пари.“

„Пожелувам долг живот, а другите да не се мачат како ние што се мачиме. Од пензијата одделуваме за на внуците да им дадеме некој денар за да не се срамат од своите другарчиња и да си купат нешто“, велат анкетираните.

Некои од младите, пак. имаат и конкретни цели и сништа кои би сакале да им се остварат.

„Сакам да одам во Лос Анџелес за таму да играм кошарка, бидејќи тоа тренирам.“

На некои пак среќата им е поврзана и со политичките случувања во земјата.

„Премиерот да ни се врати и да види како ние живеееме.“

На интернет пребарувачите кога ќе го напишете зборот среќа се отвараат низа текстови кои одговараат на прашањето што е среќа, потоа правила за среќа во животот, низа совети, мисли, цитати и толкувања. Ацески заклучува оти е тешко да се дадат совети и препораки за како луѓето да бидат посреќни.

Среќата во Европа сепак се купува со пари

По се изгледа среќата во Европа се купува со пари. Но факт е дека среќата тешко се мери. Ако за некој среќа е повеќе пари, за друг тоа е нешто друго. Дали среќата ја детерминираат местото за живеење и парите?

Што ги прави Европејците среќни? Па, по се изгледа зависи од тоа каде живеат. Иако има многу причини сега тие да се чувствуваат мрачно, од миграциската криза до можноста Британија, една од најголемите економии во Европа, да ја напушти Европската унија, повеќето по се изгледа стануваат се посреќни и пооптимистички. Некои сега се посреќни отколку пред почетокот на финансиската криза. Седумдесет ишест осто од граѓаните во Европската унија во 2008 година изјавија дека се задоволни од она како живеат. Сега тој процент изнесува 80 отсто, покажа најновото испитување на Еуробарометар, кој ја мери среќата или барем како неа ја оценуваат самите Европејци, веќе неколку децении. Оние во северните европски земји, како Данска и Шведска, постојано се на врвот. Но, некои други земји почнаа да им се придржуваат. Во последниве три декади се посреќни стануваат и граѓаните на Грција и на Португалија. Притоа се истакнуваат неколку општи податоци.

Според Еуростат, единствена мерка која постојано се доведува во врска со европската среќа е заработувачката. Качувањето за еден чекор на скалата на платите ја зголемува среќата во секоја земја на Европската унија. Сепак, разликата меѓу оние на дното на скалата и на оние на врвот останува голема. Од друга страна, мажите по сè изгледа се малку посреќни од жените, како и оние со високо образование исто така. Но, се појавуваат и некои големи разлики. Европејците општо се посреќни кога се помлади. Меѓутоа, кај побогатите земји изгледа кулминацијата на среќата се постигнува на постари години. Германците се посреќни кога имаат над 75 години отколку кога имаат меѓу 25 и 34 години. Слично е и во Швајцарија, Шведска и Данска. Истражувањата покажуваат дека и Грците, Бугарите, Романците и Словенците стануваат се посреќни како што стареат.

Среќата кај Европејците ја детерминира и местото на живеење, како и начинот на кој живеат. Во сите земји луѓето се помалку среќни ако живеат сами. По иста логика во повеќето земји оние што имаат деца се среќни, со исклучок на Британија, Данска, Ирска и Швајцарија каде што велат дека се посреќни без деца. Сè не сè изгледа дека Европејците се позадоволни ако живеат во градовите или предградијата отколку по селата. Северно-европејците пак, колку што живеат подалеку од градовите, а со тоа и од другите луѓе, се посреќни. Во поголемиот дел на јужна и источна Европа е обратно. Различни се причините за она што ги прави жителите на еден град да бидат среќни. Според последните податоци на Еуробарометар, најголема врска со нивното задоволство од живеење во градовите е чувството на безбедност. Конечно оние места и градови чии жители се најсреќни имаат добри локални власти и кои се грижат за јавниот сообраќај како во Рејкјавик и за чистите улици како во Берлин и Париз. Ова може да е лекција за политичарите: намалувањето на невработеноста и зголемувањето на платите несомнено водат до поголема среќа. Но, и чистите тротоари исто така.

Денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 12 март годинава.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG