Достапни линкови

Нов пат, невозможно разминување


Патот што ги поврзува Ропотово и Лажани е долг само шест километри. Досега се изградени половината со нов асфалт, но за жал, со широчина од само 3 метри, без рабови на патот, што е кочница за разминување на две возила.

На пеколни жештини и температури од преку 35 степени, принудно запревме на локалниот пат од долненското село Ропотово кон соседното Лажани. Иако во видното поле беше нов асфалтиран пат, колоната од 10–ина возила немаше можност да се размине. Возачите нервозни, гневни, зашто секој имаше обврски. Прв се снајде Зика Фаик, 86-годишен човек од Лажани којшто со велосипед секојдневно крстари по регионот. Тој за ваквата состојба на патот ги обвинува властите.

„Дупки, па на места пропаднал, банкините полни од пред 50 години што го направиле, уште за време на комунизмот. Јас сум човек од 86 години, сите структури сум ги поминал, сите власти што биле, ама ова е невозможно, лага до лага“, вели Зера Фаик.

Патот што ги поврзува двете села е долг само шест километри. Досега се изградени половината со нов асфалт, но за жал, со широчина од само 3 метри, без рабови на патот,што е кочница за разминување на две возила. Асфалтниот нов слој е издигнат над стариот на места и до 30 сантиметри, така што не може да се користат старите банкини и голем е ризикот за ниските патнички возила. Не ретко возачите трпат големи штети на оваа делница.

„Иако требаше и беше предвидено овој пат да биде 5 метри широк, одеднаш патот дојде на 3 метри и само се шминка, наместо да се гради. Има таму еден мост, којшто после 3 километри прав пат, одеднаш доаѓа мостот и кривина од 90 степени и досега, барем последниве 10 години на кои се сеќавам јас, има настрадано седум човечки животи“, регира Јане Илиоски.

Вчудоневидени од новите инвестиции се и двајца патници кои случајно ги затекнавме, а се чести посетители на Лажани. Првиот живее во Босна, а другиот во Истанбул.

„Значи ова е срамота, 10 села има овде, а пат три метри, пред 30 години ваков беше и подобар патот.“

„Родно место ми е и жал ми е за македонскиот народ, не беше вака, добар народ беше, мачен народ ама паметен народ, сега поинаку е, жалам поради тоа“, велат овие луѓе.

Патот, според жителите, е главна сообраќајна артерија за приближно 6000 граѓани од 10-ина долненски села. Води кон соседните општини: Кривогаштани, Крушево, Демир Хисар, за Битола, пак, патувањето е скратено за 15-ина километри.

Жителите сепак одбиваат да говорат јавно, но за нив е симптоматично, што по едвај асфалтираните 3 километри, фирмата изведувач ја повлекува механизацијата. Чуварот на машините немаше одговор што се случува, ниту успеавме да добиеме контакт од фирмата изведувач на работите.

Патот е во надлежност на државата. Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски при секоја посета на регионот не ја пропушта приликата пред провладините медиуми, да истакне дека сите патишта се градат според современи стандарди.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG