Достапни линкови

НАТО и Русија загрижени за Украина


Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по состанокот во Брисел со пратениците на Русија во Алијансата изјави дека е неопходна заедничка соработка во решавањето на судирот на истокот на Украина. Претходно рускиот претседател Владимир Путин изрази загриженост за ескалацијата на конфликтот.

Столтенберг изјави дека со тоа ќе и се овозможи на Украина да го отстрани, како што изјави, надворешното насилно мешање и ќе придонесе за подобрување на односите меѓу НАТО и Русија.

„Сојузниците и Русија имаат длабоки и трајни несогласувања во врска со кризата. Средбата беше можност да се разјаснат нашите позиции и да се разменат мислења во врска со кризата во Украина“, рече тој.

Столтенберг додаде дека биле разгледани и воените активности и напорите за намалување на опасноста од судири што ќе ја зголеми стабилноста на истокот на Европа.

Тој изјави дека руската страна била запозната со резултатите од самитот на НАТО во Варшава во минатата недела при што го пренел ставот на сојузниците дека дејствувањето на Русија во Украина ја „поткопува евроатлантската стабилност“.

Во меѓувреме, Кремљ издаде соопштение во кои се наведува дека Владимир Путин побарал од германскиот канцелар Ангела Меркел и од францускиот претседател Франсоа Оланд да го искористат нивното влијание за да спречат непожелен тек на настаните во источна Украина.

Во телефонскиот разговор, како што се наведува Путин изразил загриженост за кршливото примирје меѓу украинските владини сили и проруските сепаратисти.

Инаку, на состонокот на Советот НАТО Русија, како што информираше Столтенберг, Москва изнесла предлози за зголемување на воздушната безбедност над Балтичко море каде што доаѓа до блиски средби меѓу воени авиони на двете страни.

Тој изјави дека членките на НАТО ќе ги разгледаат руските предлози. Тие, според посматрачите, се уште еден гест на рускиот претседател Владимир Путин, за кои се чини дека имаат за цел смирување на тензиите меѓу Исток и Запад по самитот на НАТО во Варшава.

Таму, Алијансата се согласи да распореди мултинационални сили во балтичките земји и Полска во што Русија гледа како на непријателски потег.

Рускиот амбасадор во НАТО Александар Грушко го повтори ставот на Москва дека најголемото засилување на НАТО од крајот на Студената војна претставува опасност забезбедноста во Европа.

„Нема причина да се развива таква воена активност со што се соочуваме денес, односно она што го прави НАТО. Се разбира, ние веруваме дека тоа не придонесува за безбедноста“, вели Грушко.

НАТО ја негира руската загриженост, наведувајќи дека военото зајакнување на Алијансата бил пропорционален одговор на руските активнности во Украина.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG