Достапни линкови

Тереза Меј, новата „Железна дама“


Тереза Меј, новата „Железна дама“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:58 0:00

Тереза Меј, новата „Железна дама“

Британија за прв пат, дваесет и шест години по Маргарет Тачер добива жена премиер. Тоа е 59-годишната Тереза Меј која во изминативе шест години беше министерка за внатрешни работи во кабинетот на премиерот Дејвид Камерон кој си поднесе оставка откако загуби на референдумот агитирајќи за останување на земјата во ЕУ.

Тереза Меј на 11 јули беше избрана на нов лидер на Конзервативната партија, а со тоа и за премиер на Британија.

Нејзиниот подем меѓу конзервативците ги донесе неизбежните споредби со Маргарет Тачер.

Сепак, повеќето аналитичари, поради нејзината истрајност, ја споредуваат со германската канцеларка Ангела Меркел.

Се смета дека Меј е позиционирана десно од Камерон иако ја подддржа легализацијата на истополните бракови.

Има репутација на сериозна политичарка која напорно работи и ги избегнува интригите што ги зафати редовите на ториевците.

Долго време беше неизвесно која страна на брегзитот ќе ја поддржи, но на крајот му се приклони на Камерон, иако не се истакнуваше за време на кампањата за референдумот.

Деновиве пак таа изјави дека „Брегзитот е Брегзит“.

„Не смее да има обиди да се остане во Европската унија или да се вратиме на задна врата. Нема да има друг референдум“, изјави Меј која вели дека нема да има избори пред редовните во 2020 година.

Освен претстојниот развод на Британија од Европската унија таа е соочена и со тешката задача да го врати единството во редовите на Конзервативната партија.

Меј најави дека за време на нејзиното раководење партијата мора да им служи на работните луѓе, а не само на, како што рече, неколкумина. Нејзините соработници ја опишуваат како тип кој не привлекува луѓе околу себе правејќи шеги.

„Не одам по телевизиски студија. Не оговорам за време на ручеците. Не пијам по баровите во паралментот“, вели за себе Меј.

Ветеранот меѓу ториевците Кен Кларк во случајна снимка вели дека Тереза била проклето тешка жена, додавајќи дека веќе соработувал со една таква со железна репутација Маргарет Тачер.

Меј пак репутацијата на цврста политичарка ја доби по судирот со интересната организација Полициска федерација, влијателна полициска лобистичка група.

За време на нејзиниот мандат беше откриено дека полицијата ги скривала причините за катастрофата на стадионот Хилсборо кога загинаа 96 навивачи на Ливерпул.

Пред влегувањето во политиката, Меј била во финансискиот сектор, меѓу другото и во Централната банка.

Како и Дејвид Камерон и Борис Џонсон кој се откажа од трката за лидер на тореивците и Меј студирала на Оксфорд, но за разлика од нив двајцата таа претходно учела во државно средно училиште.

Како ќерка на англиски свештеник редовно одела во црква, а е позната по ексцентричниот вкус за чевли.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG