Достапни линкови

Меркел: Во Европа со мигрантите дојдоа и терористи


Меркел: Во Европа со мигрантите дојдоа и терористи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:57 0:00

Меркел: Во Европа со мигрантите дојдоа и терористи

Милитантните групи шверцувале некои нивни членови во Европа со бранот мигранти од Сирија. Ова го изјави германската канцеларка Ангела Меркел. Над еден милион мигранти пристигнаа во Германија минатата година, додека од почетокот на годинава досега таа бројка е над двесте илјади. Повеќето од мигрантите се од Сирија.

Говорејќи на еден митинг на нејзината Демохристијанска партија, Меркел изјави дека протокот на бегалци бил користен и за шверцување терористи.

Таа исто така предупреди дека доколку младите луѓе во сиромашните делови на светот нема да имаат подобра перспектива, тогаш тие ќе се обидат да одат некаде на друго место.

„Сите овие млади луѓе можеби немаат струја, но за малку пари сите тие имаат смарт телефони. Сите тие можат да видат како е на други места во светот. Овие луѓе треба да добијат перспектива во Африка и ние мора да им помогне на тој пат. Во спротивно, сите ќе се обидат да отидат некаде на друго место, а тоа не е добро за тие земји и секако тоа не е добро за нас“, рече Меркел.

Таа додаде дека во некои земји, како во Того во Африка, 75 отсто од населението се млади под 25 години.

„Замислете земја како Того, мала африканска земја каде што 75 отсто од населението, па дури три од четири лица се помлади од 25 години. Сега погледнете околу плоштадот тука. Германски микс. Немаме тројца од четворица под 25 години“, рече таа.

Инаку, говорејќи за одлуката на британските гласачи за излегување на нивната земја од Европската унија, Меркел изјави дека престојат тешки преговори со Лондон.

Затоа, како што рече, преостанатите 27 земји членки мора да се запрашаат како сега би требало да изгледа Европа. Меркел ова го повтори и во текот на годишниот собир на германските дипломати во близина на Берлин.

„Британија треба брзо да разјасни како сака да ги креира своите односи со Европската унија во иднина. Берлин сака Лондон да остане важен партнер на блокот“, рече таа.

Но, според Меркел, и преостанатите 27 земји членки на Европската унија исто така, мора да ги заштитат своите интереси.

„На пример, кој би сакал да има слободен пристап до европскиот внатрешен пазар, исто така ќе треба да ги прифати сите основни слободи, вклучувајќи го и слободното движење на луѓето“, рече таа.

Меркел изрази цврсто уверување дека Европската унија е доволно силна, како што рече, „да го апсорбира заминувањето на Британаија“.

Некои британски политичари сугерираат дека Британија може да има целосен пристап до заедничкиот пазар на Европската унија, вклучително и до нејзиниот витален финансиски сектор, а во исто време да може да го ограничи бројот на државјаните на Унијата кои сакаат да влезат во Британија.

Единствениот пазар на Европската унија има за цел да се гарантира слободно движење на стоки, капитал, услуги и луѓе меѓу членките на Унијата.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG