Достапни линкови

Оперската дива Гаранча за отворање на Охридско лето


Оперската дива Елина Гаранча од Латвија
Оперската дива Елина Гаранча од Латвија

Со концертот на оперската дива Елина Гаранча од Латвија и Оркестарот на Македонската опера и балет под диригенство на маестро Јон Марин од Романија, во традиционалниот термин – вечерва, во 21 часот, на сцената на Антички театар, ќе започне 56-то издание на Охридско лето, најзначајната летна културна манифестација во земјава.

За грандиозно отворање на 56-то Охридско лето, манифестацијата која во децениите наназад израсна во една од најзначајните потврди на нашата со ништо неусловена културна комуникација со светот, оперски концерт на сцената на Антички театар. Од Латвија ни доаѓа светски познатата мецосопранистка Елина Гаранча, певица која критиката поодамна ја бележа како „изведувачка што стреми кон друштвото на великаните“ и уметница која со радост е пречекувана во Метрополитен операта во Њујорк, Виенската опера, оние во Франкфурт и Париз и која досега зад себе има 18 оперски улоги, над 140 перформанси и која е еден од најпродаваните артисти на прочуената дискографска куѓа „Дојче грамофон“.

Гаранча, во презентирањето на програмата – селекцијата на популарни арии од Глинка, Чајковски, Масне, Сен-Санс, Гуно, Пучини ќе биде придружувана од Оркестарот на Македонската опера и балет под диригенство на маестро Јон Марин од Романија, уметник кој раководел со многу познати ансамбли и соработувал со значајни имиња, иницијатор на проектите „Кантус Мунди“ и „Симфонија Мунди“ (посветени на едукација и социјална интеграција преку музика на маргинилизираните деца) и e добитник на бројни награди и признанија.

Актуелното издание на Охридско лето планирано е да понуди програма сочинета од повеќе од 50 музички настани, девет театарски претстави, пет изложби и осум филмови од ризницата на најстарата продуцентска куќа во земјава „Вардар филм“.

Градот Охрид, а со тоа и Република Македонија, ќе бидат домаќини на вкупно 800 уметници, изведувачи, артисти и творци од 18 земји од светот како САД, Франција, Шпанија, Германија, Турција, а за прв пат на Фестивалот ќе се претстават изведувачи и од Кралството Монако.

Според организаторите, во редот на ексклузивните настани се најавуваат концертите на виолинистот Максим Венгеров (кој, патем, ќе биде круна на неговата еднонеделна академија во градот под Самоиловите кули), потоа и оние на неговите колеги Вадим Викторович Репин и Роман Симовиќ од Црна Гора, на пијанистите Фазил Сеј од Турција, Ана Винитскаја од Русија, на легендарниот џез трубач и десеткратен добитник на наградата Греми – Артуро Сандовал и други. Тука се и перформансите на врвните македонски репродуктивци како Ана и Игор Дурловски, Маја и Љубиша Кировски, виртуозот на гитара Дамјан Пејчиновски и така со ред.

„И годинава нашите заложби се Фестивалот да има квалитетна и атрактивна програма во текот на сите 40 дена. Од успешноста на изборот на програмата зависи и реномето на манифестацијата кое според домашната, но и странската стручна критика, последниве години оди по нагорна линија, а со тоа градот Охрид наново се потврдува како значајна светска уметничка сцена и голема културна метропола“, вели Гордана Јосифова Неделковска, долгогодишен селектор на музичката програма.

Од друга страна, според Ѓорѓи Јолевски, овојпат драмската програма со право тематски му е посветена на еден од великаните на оваа уметност – Вилијам Шекспир.

„Светот годинава го чествува јубилејот - 400 години од смртта на театарскиот гениј. Токму и затоа мотото на годинашната драмска програма е „славејќи го Шекспир ја славиме слободата“. Во тој контекст, неговите дела „Магбет“, „Сонети“, „Комедија на грешки“ и „Ноќ спроти Водици“, видени низ очите на уметници од различни страни на светот, творци кои доаѓаат од различни култури и говорат различни јазици, ќе ги освојат сцените Долни Сарај и предворјето на Света Софија како совршени театарски простори“, вели тој.

Во рамките на овој сегмент, публиката на 3 август ќе има убава можност да ја види и премиерата на „Бар Ремарк“, театарската претстава работена според делото „Тројца другари“, што со актерите на Битолскиот театар ја подготвува прочуениот Алесандар Баргман од Русија.

Конечно, спуштањето на завесата на претстојното 56-то издание на манифестацијата е предвидено да се случи со „На светот убавина“, музичко-сценскиот проект на Горан Трајковски. Авторот, кој својата театарска музика со помош на собеседниците и познати македонски уметници ја воздигна во перформанс што на идеален начин ја апострофира симбиозата на обете уметности и на најсликовит начин ја демонстрира суштината на интернационалниот фестивал каков што е токму Охридско лето.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG