Достапни линкови

logo-print

Москва: Русија не е закана за НАТО


Москва го критикува НАТО дека на самитот во Варшава се фокусирал врз, како што се наведува, „непостоечка закана“ од Русија. На дводневниот собир, лидерите на Алијансата одобрија ново големо распоредување на сили во источна Европа како одговор на руската анексија на Крим и поддршката на сепаратистите во Украина.

Прелиминарната анализа на резултатите од состанокот покажува дека НАТО продолжува да егзистира во некаков вид на воено политичко огледало на светот, се наведува во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Во изјавата се додава дека во спротивност од објективните интереси за зачувување на мирот и стабилноста во Европа, Алијансата ги концентрира напорите за одвраќање на „непостоечка закана од Исток“.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи Марија Захарова најави дека Русија ќе побара обаснувања за плановите на НАТО на Советот НАТО-Русија што треба да се одржи на 13 јули.

Руското министерство исто така најави дека ќе бара објаснување од НАТО и за планот на Финска за подобрување на воздушната одбрана над Балтичко Море.

НАТО претходно соопшти дека сака да го зголеми нивото на соработката во одбраната со Финска и Шведска преку повеќе заеднички вежби и зачестена размена на информации поради се поголемата активност на руската армија во тој регион.

Дел од самитот на НАТО кој заврши во саботата главно беше посветен на формланото одобрување на плановите за мултинационални батаљони од по над илјада војници.

Тие врз ротирачка основа ќе бидат стационирани во Полска и во балтичките земји, Летонија, Литванија и Естонија.

Батаљоните ќе бидат предводени од Соединетите Држави, Канада, Британија и Германија.

Претставници на НАТО го оценуваат ова распоредување како директен одговор на руската воинствена политика и како најголем таков потег на Алијансата од крајот на Студената војна.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека се поагресивната Русија ги развива нејзините воени капацитети, ја модернизира армијата и за тројно повеќе ги зголеми трошоците за одбраната во изминативе неколку години.

„Москва беше подготвена да искористи воена сила против соседите, против Украина, илегално да го анектира Крим и да ја дестабилизира источна Украина“, оцени Столтенберг.

На самитот во Варшава, американскиот претседател Барак Обама, оценувајќи дека НАТО во својата 70-годишна историја никогаш можеби не се соочувал со толку мниогу закани во исто време, изјави дека Русија ги наруши суверенитетот и територијалниот интегритет на независна европска нација, Украина, и оти провокативно се однесува спрема сојузниците во НАТО.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG