Достапни линкови

logo-print

Во Далас убиени неколкумина полицајци


Снајперски оган бил отворен врз полицајци во центарот на Далас, Тексас при што загинале петмина полицајци, а шестмина други биле ранети.

Ова се случи за време на протестите по убивањето на двајца Aфроамериканци од страна на полицајци до кои дојде во изминативе два дена.

Три лица се приведени, а во Далас и натаму траела престрелка со уште едно лице.

Началникот на полицијата во Далас Дејвид Браун изјави дека лицето тврдело оти во градот поставил бомби.

Пукањето се случи нешто пред 21 часот по локално време додека стотици луѓе се собраа да протестираат против убиствата во Батон Руж, Луизијана и во Сент Пол, Минесота.

Се наведува дека снајперистите стрелале од заседа врз полицајците.

Според полицијата во Далас, напаѓачите планирале да убијат и ранат што е можно повеќе полицајци.

Протести се одржуваа и во неколку други градови во САД една ноќ откако полицаец го убил Филандо Кастиле додека бил во својот автомобил со неговата сопруга и дете. Видеото од настанот беше постирано на Фејсбук.

Ден претходно Алтон Стерлинг беше убиен во Луизијана од двајца полицајци. И овој настан беше снимен со телефон.

Потрагата по напаѓачите, според новинските агенции, се одвивала низ улиците на Далас.

Полицијата се уште не објавува кои биле мотивите за нападот.

Американскиот претседател Барак Обама, кој е во Варшава на Самитот на НАТО, бил информиран за настаните во Далас.

Претходно, тој оцени дека убиствата покажуваат оти САД имаат сериозен проблем, односно дека тие се сигнал за расните разлики кои постојат во правниот систем.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG