Достапни линкови

logo-print

„Македонија вработува“ меѓу популизам и резултати


Владата го надгради проектот Македонија вработува и се пофали дека дава резултати. Бизнисмените велат дека власта треба и да создава клима за инвестирање. За некои пак проектот е повеќе популистички, отколку што ја намалува невработеноста.

Проектот „Македонија вработува“ дава некакви резултати, но за вистински да се намали невработеноста државата треба повеќе да се фокусира околу создавањето на клима за инвестирање, велат бизнисмените коментирајќи ги мерките на владиниот проект кој стартуваше во април 2015 година.

Поранешниот претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи вели дека мерките отвориле можност за легализација на нелегалните вработувања, односно оти со субвенциите компаниите биле поттикнати на определен рок да вработат луѓе со решение.

„Но, ако сакаме реално да имаме вработувања, треба државата да мисли како да го поттикне и поддржи инвестирањето во земјата, а не само едно работно место повеќе. Додека не се создаде клима за инвестирање однадвор и од внатре, притоа да не се даваат поголеми можности и субвенции за странските инвестиции, а домашните да се оставаат на страна – таквиот модел допрва ќе се покаже дека е контрапродуктивен.“

Владиниоот проект „Македонија вработува треба да ги мотивира компаниите да отвораат нови работни места со тоа што ќе бидат ослободени од плаќање придонеси за вработените. Државата плаќа придонеси во рок од три години за вработени до 35 годинишна возраст, пет години за лица од 35 до 50 години кои немаат работа најмалку 10 години, а за работниците над 58 години компаниите се ослободени од придонеси до нивното пензионирање.

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски неодамна изјави дека со проектот „Македонија вработува“ за една година се вработиле 19 илјади лица и оти над 10 илјади фирми ги искористиле поволностите. Владата неодамна најави продолжување на проектот, согласно потребите на работодавачите.

Професор Темелко Ристески вели дека со мерките можно е да има некакви подобрувања, но посочува дека тие повеќе се популистички и оти не влијаат значително во намалувањето на невработеноста.

„Во услови на нестабилна економија многу често се случува фирми да се затвораат, така што луѓето се регистрираат како вработени, но нема ефект кога после година или две кога поради затворање на фирмата ќе останат без работа“, вели Ристески.

Тој додава и дека вработувањата треба да овозможат подобар животен стандард и плати кои одговараат на човековото достоинство, онака како што бара Универзалната декларација за човековите права.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG