Достапни линкови

Додека првиот човек е во притвор, тековната документација ја потпишуваат раководителите на одделенијата, но од Општина Битола не можеа да ни дадат точен одговор што се случува со документите на кои задолжително мора да има градоначалнички потпис.

Како може да функционира една општина во случај ако градоначалникот биде притворен? Ова прашање се наметна во јавноста откако Кривичниот суд му изрече мерка куќен притвор на битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој СЈО го осомничи за случајот „Транспортер“. Според Законот за локална самоуправа, на градоначалник му престанува мандатот ако е осуден со правосилна пресуда на казна затвор во траење од 6 месеци, но не се предвидени мерки во случај градскиот татко да падне во притвор.

Претседателката на Советот во Битола, Силвана Ангелевска, вели дека ингеренциите за поставување на заменик ги има градоначалникот. Само во случај на неоправдано отсуство на градоначалникот подолго од шест месеци, тогаш за оправданост одлучува Советот, па може да се назначи заменик.

„Според Закот за локална самоуправа ваквата ситуација не е децидно опишана како треба да се реагира. Има одредени членови кои предвидуваат што значи прекин на градоначалничката функција и одредени членови кои допираат до тоа што значи отсуство на градоначалникот. Ние не можеме да бидеме шпанска инквизиција да судиме и пресудуваме. Законите предвидуваат одредени опции ќе се земат тие во предвид“, вели Ангелевска.

Дел од градоначалниците во Македонија имаат назанчено свои заменици. Тоа според законот го прави градоначалникот 60 дена по стапувањето во функција. Општина Битола заменик градоначалник имаше во првиот мандат на Талески, но во следните два мандати градоначалникот никому не делегирал ваква одговорност.

Претеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски вели дека ваквата ситуација не ја отежнува работата на општината.

„Не, заради тоа што нема никаква правна пречка за да функционира општината нормално, како што функционираше досега.“

Според советниците од опозицијата, во вакви случаи постои опасност работењето на општината да влезе во правен вакум, да не можат да се исплатат плати или некои други финансии за кои е неопходен потпис на градоначалникот.

„Во општината има низа акти кои ги потпишува градоначалникот. Со оглед на тоа дека нема назначено свој заменик сите акти поврзани со неговиот потпис сега се во застој. Сите решенија што ги носи советот, потоа одат на потпис кај него за да се спроведат. За мене е дискутабилно дали тој од куќен притвор може да потпишува документи“, вели Наташа Петровска, коориднатор на советничката група на СДСМ.

За оваа правна дилема адвокатот Миле Јовановски од Битола вели дека се зависи од тоа дали во решението за притвор му се одземени овластувањата за потпис.

„Ако не стои тоа децидно, тогаш тој е се уште потписник“, вели адвокатот.

Од Службата за односи со јавноста на Општина Битола велат дека тековната документација ја потпишуваат раководителите на одделенијата, но не можеа да ни дадат точен одговор што се случува со документите на кои задолжително мора да има градоначалнички потпис.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG