Достапни линкови

logo-print

Разговори НАТО - Русија по Самитот во Варшава


Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Алијансата треба да одржи официјални разговори со Русија, кратко по самитот во Варшава кој се одржува оваа недела и на кој се очекува да се засилат тензиите со Москва. Советот НАТО-Русија последен пат се состана во април годинава по пауза од речиси две години, но разговорите завршија со „длабоки несогласувања“ во однос на Украина и за други прашања. „Советот НАТО-Русија има важна улога како форум за дијалог“ и би можел „да ја зголеми предвидливоста“, изјави денеска Столтенберг во пресрет на дводневниот Самит на НАТО кој почнува на 8 јули во Варшава. „Затоа работиме со Русија да се одржи уште еден состанок на Советот, кратко по Самитот“, додаде тој. Столтенберг рече дека НАТО и Русија не можеа да се согласат да одржат состанок пред одржувањето на Самитот, како што сакаше Алијансата. Меѓу другото, на Самитот во Варшава се очекува да се разговара за распоредување четири баталјони со по 1000 војници во Полска и поранешните советски републики Естонија, Литванија и Летонија, со што ќе се зајакне присуството на НАТО во близина на границите со Русија. Односите меѓу Русија и НАТО го достигнаа најниското ниво од завршувањето на Студената војна поради руската анексија на Крим од Украина во 2014 година и поради нејзината улога во конфликтот во источна Украина.

XS
SM
MD
LG