Достапни линкови

На болницата во Прилеп не и треба шминка


Болницата во Прилеп

Болницата во Прилеп

Пациентите ја опишуваат како болница на страв и ужас. Сите раководства до сега се обвинуваат меѓусебно за состојбите. Повремените инвестции досега беа само шминка, на болницата и треба сериозна инвестиција, вели дел од кадарот.

За прилепчани, градската болница е болница на страв и ужас, особено по смртните случаи на родилки, изразените проблеми со недостигот од опрема, лошите или катастрофални услови во објектот, во кој што се интервенира изминативе 10-ина година, парцијално, повеќе како шминка, но со голема медиумска помпа од страна на власта.

„Начекав хорор слика, истата онаа, но и во многу полоша состојба од таа, кога ми правеа операција од слепо црвено во трето одделение, а сега имам 32 години.“

„Лекарско уверение вадев три дена, значи тоа се саати, дали немаат специјалист, доктор, дали им е трошок, дали се избегани кадрите, не знам. Значи три дена, приватна потреба, платено-преплатено и да не можеш да си завршиш работата. И исто анкетар помина и ми кажа дека на 100 испитаници 70 се изјасниле со негативен став. Значи условите се ужасни и не дај боже на човек да му затреба да ја посети градската болница“, велат овие граѓани, повикувајќи се на нивната анонимност.

Други пак вината за состојбата ја лоцираат во раководните структури, кои велат, изминативе 10 години не покажале никако сериозен интерес болницата во Прилеп да го задржи реномето и да бележи напредок, следејќи ги современите текови во медицината.

„Мојот родител имаше потреба од систем на нервно одделение. Во просторијата имаше 30 до 35 граѓани кои што требаше да примат систем, јас мислам, дека тие доктори и персонал не се виновни, туку се оставени сами на себе“, забележува овој граѓанин.

Иако изминатава деценија сите раководства се обидуваа вината да ја префрлат на претходната власт, министерот за здравство при последната посета на Прилеп, сепак призна.

„Од моментот кога е болницата пуштена во употреба, некаде во 80-те години до денеска, нема сериозна реконструкција“, изјави министерот Никола Тодоров.

Според тоа останува нејасно со каков квалитет биле инвестициите во гинеколошкото одделение, изградбата на фасадата, санитарните јазли, што се случуваше изминатиов период откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт. За секоја од овие инвестиции медиумите информираа на големи ѕвона, а кусо потоа пациентите повторно реагираа.

Стоматологот, Петар Ристески којшто од октомври, седна во директорката функција, ветува дека последнава инвестиција од 70 милиони денари во сите одделенија ќе обезбеди оптимални услови за работа.

„Завршени се тендерските постапки за ехо-апарат на одделот за радиологија, светло за гинеколошката сала, комплетно е опремено одделението за физикална медицинска и набавени се шест пациент монитори“, вели директорот Ристески.

Дел од персоналот во болницата, пак, забележува дека овие набавки се всушност потрошен материјал, дека за да се овозможи квалитетна здравствена заштита, дијагностика и лекување на околу 100.000 пациенти од поширокиот регион, неопходни се сериозни инвестиции во опрема.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG