Достапни линкови

Пропагандна магла за европските пари


Повеќето граѓани не чуле и не знаат што се тоа ИПА фондови и дека ЕК и ги скрати на Македонија. Од оние кои пак се одважија да зборуваат за РСЕ се забележува дека за повозрасните виновна е ЕУ, а за младите власта. За некои и опозицијата.

Или се уште не се запознаени, или пак имаат сосема различна перцепција за тоа кој е одговорен. Дел не сакаа да зборуваат оти не знаеја дека Европската комисија одлучила да скрати дел од ИПА фондовите за Македонија, а четворицата граѓани што прифатија дадоа три различни одговори.

„Можеби премногу си дозволивме да бидеме толерантни кон Европската унија, затоа што таа кај што влезе се фати во своите канџи и командант се стави над сите, а ние сме многу либерални. “

„Виновна е нормално власта и сите што се вклучени во управувањето на државава.“

„Јас не сум слушнал такво нешто, но ако е точно, јас мислам дека виновна е опозицијата, затоа што прават вакви проблеми низ градот и низ целата држава. “

„Мислам дека најодговорна е власта, сепак ги има најголемите контакти и клучните луѓе“, велат анкетираните.

Во објаснувањето за причините за кратењето на над 27 милиони евра ИПА портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич беше попрецизна. Наведе дека одлуката е поради недостаток на подготвеност и зрелост при планирање во клучните сектори за кои овие средства требале да бидат наменети, за неисполнувањето на општите реформски обврски како резултат на влошениот политички контекст во земјата, како и поради политичката криза што трае веќе втора година во земјата.

СДСМ оцени дека Комисијата точно го адресирала виновникот - во неспособноста и во немањето капацитет на Владата, Владата, пак, не гледа санкции, туку намалување на програмирани средства и слично како и ВМРО-ДПМНЕ ја посочува опозицијата како еден од виновниците.
Граѓаните и досега не знаеја многу за Инструментот за претпристапна помош Македонија – ИПА, а во недостиг на информации со обидот на владата и ВМРО-ДПМНЕ како виновник да прикажат некој друг се прават дополнителни забуни, оценуваат упатените.

„Граѓаните се уште се во фаза на некој револт, како сега на некој таму во Европската унија им текнало да ни кратат пари, меѓутоа станува збор за значајни средства кои ќе го доведат во прашање реализирањето на важни проекти, граѓаните тоа треба да го знаат, затоа што тоа на крај ќе удри не само по нивниот џеб, туку и по нивниот стандард“, вели професорот Ѓорги Тоновски.

Тој посочува и дека на граѓаните требало да им се објасни дека кратењето на ИПА фондовите не значат само намалување на парите, туку и нарушување на реномето и достоинството на државата на меѓународен план.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG