Достапни линкови

logo-print

Додик: Во БиХ се прави исламска држава


Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави дека Босна и Херцеговина е невозможна заедница и оти кога станува збор за нејзиниот интегритет состојбата никогаш не била полоша. Тој оценува дека муслиманите во БиХ манипулираат со резултатите од пописот со цел да направат исламска држава во Европа.

Додик, во интервју за „Политика“, изјави дека мисли дека германската канцеларка Ангела Меркел не е во право кога вели дека БиХ направила голем напредок на европскиот пат.

„БиХ е невозможна заедница. Секако дека Меркел е уважена и треба да се почитува она што таа го работи, но не мора да значи дека таа е секогаш во право. Таа приказна за БиХ е целосна заблуда“, смета Додик.

Тој изрази сомнеж во искреноста на неодамнешните изјави на претседателот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, кој коментирајќи ја изјавата на началникот на Општината Сребреница, Чамил Дураковиќ, рече дека никогаш не би рекол дека врвот на Србија е непожелен на одбележувањето на годишнината на злосторствата во Поточари.

„Тоа тие се го договараат, тоа се е прочитано. Бакир Изетбеговиќ изјави дека ја продолжува политиката на својот татко Алија, а Алија Изетбеговиќ рече дека муслиманите онаму каде се малцинство треба да трпат се додека не станат мнозинство. Кога ќе станат мнозинство, тогаш треба да формираат исламска држава. Таа исламска држава ја гледаме на Блискиот исток. Еве сега дотуркаа на 50 отсто на пописот и сега е веројатна претпоставката дека прават исламска држава во БиХ“, смета Додик.

XS
SM
MD
LG