Достапни линкови

Стефановиќ: Трагедија каква долго не е видена во Србија.


Српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ изјави дека осомничениот за петкратното убиство во Житиште пукал од автоматско оружје што нелегално го поседувал, а ситуацијата била потполно неочекувана и немало никакви знаци што би укажувале на трагедија.

Стефановиќ потврди дека лицето З.С.(38) ноќеска околу 1.30 часот од автоматска пушка истрелал повеќе рафали и притоа усмртил пет лица и ранил околу 20.

„Постои сомнение дека станува збор за љубомора, бидејќи прва настрадала неговата поранешна сопруга, додека голем број луѓе се повредени и трагично настрадани“, рече министерот.

Ситуацијата била сосема неочекувана бидејќи осомничениот немал ниту еден прекршок, ниту кривична пријава, напомена Стефановиќ.

Итната помош прва пристигнала, а потоа и медицинските екипи од Зрењанин, рече Стефановиќ додавајќи дека полицијата, исто така, пристигнала за помалку од една минута.

Полицијата го привела осомничениот и го совладала, а тогаш веќе му била и одземена пушката.

Обвинители брзо излегле на местото на трагедијата, направен е увид и се очекува на осомничениот да му биде одреден притвор.

„Сега е најважно да им се помогне на семејствата и на повредените да им се пружи потребната нега“, рече министерот.

Стефановиќ истакна дека станува збор за трагедија каква долго не е видена во Србија.

XS
SM
MD
LG