Достапни линкови

Неделен печат – Брегзит и политичката криза


Предизвиците што ги носи излегувањето на Велика Британија од Европската унија на надворешен план и начините за излез од политичката криза на внатрешен се главни теми во домашните неделници.

Република - Брегзит носи нови предизвици за Македонија

Брегзит и пак Брегзит. Република го анализира британското заминување од ЕУ и тврди дека „Брегзит носи нови предизвици за Македонија“, при што се добива впечаток дека сепак се очекува помош од Европјаните за излез од политичката криза. Авторот смета дека заминувањето на Велика Британија од Унијата е „најголемата катастрофа што ѝ се случила на идејата за обединета Европа од 1950 година“. Катастрофата, продолжува Република, „може да биде претворена во предност само ако од неа бидат научени неколку важни лекции, во прв ред кои се потребите и желбите на граѓаните на Европа – една од лекциите за кои ние се надеваме дека ќе ги научат Брисел, Париз и Берлин е дека ЕУ не смее да се сврти кон себе, туку во претстојната реформа да најде место и за интересите на ’малите‘ држави како Македонија“.

Фокус – Играта заврши

„Game over?!“ - извикува уводничарот во Фокус во колумната „За нештата да станат појасни“. Потсетува дека секогаш кога Груевски ќе отиде некаде надвор од каде што се враќа со триумфалистички пропагандни пораки, следува некој удар од кој тешко закрепнува. Во јануари, потсетува повторно уводничарот, „беше кај американскиот потпретседател Бајден, по неколку дена потоа демисионираше од премиерската функција! Уште не е вратен. Неделава отиде во партиска режија во Брисел, каде што се видел со Хан! Можат да бидат попусти сите напори на нашиот гејмер“, заклучува Фокус, „да го врти џојстикот нагоре-надолу, во обид да креира буџет со кој ќе го контролира и следниот изборен процес. Ако се следи претходната логика, Груевски многу веројатно нема да биде ниту дел од следниот изборен натпревар“, предвидува неделникот.

Глобус - Постпржинските преговори и концептот на власта за нив

Глобус ги анализира состојбите во државава по „Постпржинските преговори и концептот на власта за нив“ и пишува дека ВМРО-ДПМНЕ во соработка со ДУИ има готов концепт со кој постојано го купува времето во преговорите околу спроведување на Договорот од Пржино и ја одржува власта. Еден од тие концепти е т.н. Теорија на игрите, ама има два инструмента: создавање на кризни ситуации или дефокусација со исфрлување нови теми. На сличен начин, пишува неделникот, владејачката партија преку своите преговарачи ги влече за нос ЕУ, Стејт департментот, Јоханес Хан, амбасадорите Орав и Бејли, олеснувачите од ЕУ и, секако, опозицијата во земјава. Глобус потсетува дека кога странскиот фактор некаде есеноска инсистираше на исполнување на две обврски од страна на домашните учесници во преговорите – избирачките списоци и реформата на медиумите, пратеникот на ДУИ, Талат Џафери, во координација со ВМРО-ДПМНЕ, предложи два нови закона од областа на медиумите и информирањето, со што целосно го изместија муабетот. „Па така, власта го одложи предавањето на неколку медиуми (меѓу нив и МРТ) додека сите се расправаа за тоа дали овие закони се дел од пржинскиот пакет или не, па сè што беше пред ‛потпишување‘ беше однесено со виорот“. Втора теорија што ја наведува Глобус е „подметнување пожари“ по што сите се занимаваат со нивното гаснење, како што беше кумановскиот случај, па заканите дека на судењето за Диво Насеље ќе упаднеле вооружени лица од Косово, со што се прават спектакли барем еднаш неделно – пишува Глобус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG