Достапни линкови

ЕУ бара решение на кризата веднаш


Изјава за медиумите од шефот на Делегацијата на ЕУ амбасадорот Аиво Орав

Изјава за медиумите од шефот на Делегацијата на ЕУ амбасадорот Аиво Орав

ЕУ е серозно загрижена за ситуацијата во Македонија. Бараат политичките лидери во следните денови да договорат излез од кризата и да го спроведат пржинскиот договор, а особено да не ја попречуваат работата на СЈО.

Европската Унија е сериозно загрижена за ситуацијата во земјава. Со ваква порака и апел до политичкото лидерство да продолжи со дијалогот на јавноста и се обрати евроамбасадорот Аиво Орав, пренесувајќи ја заедничката изјава на амбасадорите на земјите членки на Унијата овде.

„Помина повеќе од еден месец откако Собранието повторно се свика. За жал, не видовме прогрес за решавање на политичката криза во земјата. ЕУ е сериозно згрижена за ситуацијата. Ние сме едногласни во потребата политичките лидерите на земјата да се вклучат во отворен дијалог. Партиите мора да се согласат како понатаму да се имплементира Договорот од Пржино, вклучувајќи го и создавањето услови за веродостојни избори“, рече Орав.

Ова не е првпат меѓународните дипломати да повикаат на целосно спроведување на Договорот од Пржино. Преговорите меѓу партските претставници треба да продолжат, а спорни точки остануваат прочистувањето на избирачкиот список и медиумите. По извесните придвижувања во однос на избирачкиот список, се очекува приближување на спротивставените ставови во однос на медиумската сфера.

Евроамбасадорот истакна посочи дека во последните месеци владеењето на правото се соочило со неколку предизвици, како што беа помилувањата на претседателот Иванов. Потенцирајќи дека владеењето на правото е темел за силно демократско општество, Орав повика на имплементација на реформските приоритети што ги предложи Европската Унија. Орав повтори дека работата на Специјалното јавно обвинителство не смее да се попречува и ги повика властите и институциите да престанат со опструкциите.

„Остануваме загрижени за проблемите со кои се соочува Специјалното јавно обвинителство при својата работа. Ги повикуваме сите тела, особено партиите кои се согласија да се воспостави Специјалното јавно обвинителство, да престанат да го опструираат и да му дадат целосна поддршка. Исто така, сите проблеми со кои се соочува оваа институцијата мора приоритетно да се решат“, порача Орав.

Во меѓувреме, откако ДУИ најави дека би поддржале специјално одделение во Кривичниот суд за предметите на СЈО, очекувањата се дека и оваа тема ќе биде ставена на маса, а кога тоа прашање ќе се отвори во пакет би се разговарало и за продолжување на мандатот на СЈО поради опструкциите кои ги имаше досега.
Според законот со кој е формирана оваа институција јавниот обвинител може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност. СЈО формално беше формирано во септември, а во декември од таму соопштија дека преземале надлежност за вкупно 34 предмети.

Заклучувајќи дека демократијата се зајакнува преку целосно учество во институциите, со што се осигурува нивно демократско функционирање и поголема внатрешна контрола и балансираност, Орав истакна дека е во интерес на земјата и на нејзиниот евроатлантски пат главните политички партии да договорат заеднички начин за излез од кризата во следните денови, а не недели или месеци.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG