Достапни линкови

logo-print

Длабоката криза го влоши меѓународниот имиџ


Политичката криза сериозно ја исцрпува земјата и нејзиното значење се намалува, па на регионалните самити кога треба да се лобира за влијанија или пари Македонија слабо котира.

Премиерот Емил Димитриев и вицепремиерите Владимир Пешевски и Никола Попоски в понеделник во Париз ќе учествуваат на Самитот за Западен Балкан, потврдија од Владата. Самитот всушност е дел од Берлинскиот процес. Минатата година се одржа во Виена, а пред минатата во Берлин.

Оваа година е под покровителство на францускиот претседател Франсоа Оланд и покрај претставници на земјите од Западен Балкан се очекуваат и други високи европски политичари.

Сериозната внатрешно - политичка криза со која се соочува земјава и го одзема фокусот од вакви иницијативи, вели Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика.

„Многу не исцрпува, нашата улога се смалува и нашата, едноставно кажано, вредност на регионално ниво значително се намалува“, вели Ристевска-Јорданова.

Транспортното и енергетското поврзување, економијата и безбедноста на границите се очекува да бидат главни теми на самитот в понеделник, а државите би требало да презентираат и проекти од овие области.

„Кога зборуваме за конкретни проекти, Македонија не е во најдобра позиција, затоа што средствата и проектите се дел од политиката на условеност. На крајот колку средства, за кои проекти ќе се одобрат и за кои држави ќе се одобрат одлучува Европската комисија, така што ние и покрај сите напори не сме во најповолна позиција.“

Во Брисел, пак, на први март се одржа состанок на кој учествуваа министрите за транспорт и енергетиката на земјите од западен Балкан и еврокомесарот Јоханес Хан. Тогаш тие се согласија да останат фокусирани на обезбедување дека Самитот на земјите од Западен Балкан во јули 2016 година во Париз ќе постигне конкретни резултати за унапредување на конкретни инвестициски проекти и се согласија да работат кон воспоставување на регионален пазар на електрична енергија, а изразија и надеж дека Договорот за транспортна заедница ќе биде парафиран пред Самитот во Париз. Тогаш министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, кој беше на состанокот, истакна дека железницата на Коридорот 8 останува еден од најважните проекти во Македонија, за кој ќе биле потребни дополнителни средства од ЕУ-фондовите.

Четири инфраструктурни проекти во износ од околу 800 милиони евра пак веќе подготвила владата на Босна и Херцеговина. Според тамошните медиуми премиерите на земјите од Западен Балкан се очекува да потпишат и меѓународен договор за основање на регионална канцеларија за соработка на млади. Во рамки на Самитот ќе се одржи и конференција за поврзување на младите на која се очекува да присуствуваат повеќе од 150 луѓе од западен Балкан и Европската унија.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG