Достапни линкови

Русија се согласи на разговори со НАТО


Москва ќе ги продолжи разговорите во рамките на Советот НАТО, Русија по самитот на Алијансата во Варшава во јули. Ова го изјави шефот на француската дипломатија Жан Марк Аро по средбата во Париз со неговиот руски колега Сергеј Лавров. Во меѓувреме Моска и НАТО трупаат сили во источна Европа.

Најавениот состанок би требало да биде уште еден обид за смирување на воените тензии кои се влошија по кризата во Украина.

Првата средба меѓу НАТО и Русија откако Москва пред две години го анектира Крим се одржа во април годинава, но не беше постигнат никаков напредок за смирување на напнатоста.

Франција и некои други западни земји побараа уште еден состанок кој би можело да помогне во обновата на довербата меѓу двете страни.

„Русија го даде своето одобрување, но би сакала средбата да се одржи по самитот во Варшава за да може да ги проучи одлуките кои ќе бидат донесени таму“, изјави Аро.

НАТО на самитот што е закажан за 8 и 9 јули во Варшава треба да реши за начините како најдобро да се справи со руските воени активности.

САД, Британија и Германија, како своевидна порака до Москва, веќе најавија дека ќе распоредат војници во Полска и балтичките земји.

Франција пак инсистира на самитот да се демонстрира солидарност меѓу сојузниците, но, исто така, е за транспарентност кон Русија и за покренување дијалог со Москва.

„Не сакаме самитот во Варшава да биде конфронтирачки собир“, рече шефот на француската дипломатија.

Деновиве, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија мора да ја зајакне нејзината борбена готовност како одговор на, како што рече, „агресивните дејствија на НАТО во близина на границите на Русија“.

Во обраќањето пред парламентот на 75-годишнината од нападот на нацистичка Германија врз поранешниот Советскиот Сојуз, Путин остро го прекори Западот затоа што не бил подготвен заедно со Русија да создаде модерен систем на колективна безбедност во светот.

„Русија е отворена да разговара за ова клучно прашање и многупати ја има покажано подготвеноста за дијалог. Но, исто како и во предвечерието на Втората светска војна сè уште не гледаме позитивна реакција како одговор туку агресивна реторика и дејствија на нашите граници“, изјави Путин.

Вчера, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу изјави дека Русија ќе распореди 10 илјади војници во западниот дел на земјата поради, како што оцени, нестабилната воена и политичка ситуација на руската западна граница.

Тој истакна дека САД и другите НАТО членки продолжуваат да го зајакнуваат воениот потенцијал во земјите кои граничат со Русија.

Шојгу исто така објави дека го разрешил командантот на руската флота на Балтикот Виктор Кравчук за неисполнување на обврските.

Во меѓувреме, руската владејачка партија Единствена Русија соопшти дека на маргините на нејзиниот Конгрес во Москва деновиве потпишала декларација со осум политички партии од земјите на Балканот за создавање неутрална територија во Југоисточна Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG