Достапни линкови

logo-print

ИД зад нападот на аеродромот во Истанбул?


Најмалку 36 луѓе биле убиени, а 147 ранети, меѓу нив и странски државјани, во самоубуствениот напад во главниот меѓународен аеродром во Истанбул. Премиерот на Турција Бинали Јидирлим изјави дека нападот го извршиле тројца самоубијци и оти сето укажува дека станува збор за милитанти на Исламската држава.

Јидирлим прецизира дека напаѓачите со такси пристигнале на аеродромот „Ататурк“, трет најголем во Европа, и оти го активирале експлозивот на влезот и тоа откако претходно почнале да пукаат.

Еден од напаѓачите со автоматска пушка, според очевидци, пред да се разнесе пукал врз патниците.

Сведоци исто така наведуваат дека три силни експлозии го потресле аеродромот, предизвикувајќи паника меѓу патниците и уривање на покривот.

„Се случи голема експлозија. Беше многу голема и внатре е многу лошо. Некои рекоа дека имало и пукотници ама јас не слушнав. Бев во терминалот за домашни летови. Тоа се случи во меѓународниот терминал“, изјави за новинската агенција Ројтерс, Али Такин, еден од патниците на аеродромот во Истанбул.

„Наодите од нашите безбедносни сили укажуваат на тоа дека овој терористички напад беше спроведен од Исламската држава. Истрагата се уште е во тек. Аеродромот повторно е отворен за воздушен сообраќај“, рече Јилдирим.

Тој додаде дека нападот уследил по успехот на Турција во борбата против тероризмот и во време кога се обидува да ги нормализира односите со Русија и Израел.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го осуди нападот на аердоромот во Истанбул кој се случи во текот на светиот муслимански месец Рамазан, наведувајќи дека тоа покажува оти „терористичките удари не земаат предвид вера и вредности“.

Ердоган ја повика меѓународната заедница да биде цврста во борбата против тероризмот.

„Турција има сила, решителност и способност да ја продолжи борбата до крај“, рече тој.

Американски официјални претставници оценија дека нападот има знаци на таканаречената Исламска држава.

„Меѓународниот аеродром Ататурк, исто како и аеродромот во Брисел кој беше нападнат порано годинава, е симбол на меѓународната поврзаност и на врските кои не обединуваат“, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернст, додавајќи:

„Остануваме цврсти во поддршката на Турција, нашиот сојузник во НАТО и партнер“.

Во нападот на бриселскиот аеродом во март годинава загинаа 16 луѓе, по што следеше координиран бомбашки напад и во метрото во тој град. Одговорноста за нападите ја презедоа милитантите на Исламската држава.

Европските лидери, кои се во Брисел на вонреден состанок на Европската унија го осудија нападот на истанбулскиот аеродром.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, пак, ја повика меѓународната заедница да соработува во борбата против тероризмот. Тој изрази најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите.

Турција во последно време е погодена од серија смртоносни напади за кои ги обвинува и курдските бунтовници и милитантите на Исламската држава.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG