Достапни линкови

logo-print

Симбиоза промотивно на Скопско лето


Со претставување на сплетови на песни кои се значајно културно обележје на земјите од каде потекнуваат, оваа среда, на 29 јуни, во 21.30 часот, на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан, во рамките на Скопско лето 2016, ќе се случи промотивниот концерт на вокалниот ансамбл СИМБИОЗА.

Инициран во октомври минатата година, СИМБИОЗА е хорски ансамбл составен од ученици, првенствено млади Македонци и Албанци, но и други етникуми во државата, кој посега по претставување на сплетови од песни кои се значајна национално обележје на земјите од каде што потекнуваат. Оваа оригинална идеја е зачната во форма на мултиетнички, мултикултурен и образовен проект кој произлегол од секојдневната соработка на двајца пријатели, млади творци и колеги педагози, Дамјан Темков и Бехар Весели – наставници во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје.

„Од нашата катадневна дружба и од фактот што сме колеги во иста институција се роди идејата да направиме проект којшто ќе отслика една друга реалност од таа што ни се појавува или што ја имаме во секојдневието. Потребата мислам дека е голема со оглед на сите настани со кои се соочуваме секојдневно, а најубавото во целиот проект е во тоа што нашата дружба, нашиот меѓусебен однос сакаме да им го пренесеме на најмладите генерации, на учениците“, вели Весели.

Темков, пак, појаснува дека првично тргнале од сплетови на македонски и албански композиции, а понатаму го прошириле проектот на сплетови на композиции од територии кадешто има или имало некаква нетрпеливост помеѓу народите - како комбинации на кинески со јапонски песни, израелски со палестински, американски со шпански...Всушност, тие така направиле симбиоза од композиции каде што се пее на двата јазици истовремено. Преку обединувањето на различни јазици и мелодии, преплетени и доведени до крајна норма на складно единство, тие делуваат како едукативен пример низ чија призма се отсликува тенденцијата на соживот, заедништво, толеранција и поттик кон прифаќање на мултиетничкиот концепт.

„Сакавме преку музиката едноставно да допреме до свеста на младите. На сите. Да постигнеме цел која би требало да биде основа на взаемниот однос тука кај нас. Едноставно, проектот има порака која што алудира на соживот, на толеранција, на моментот да не постои никаква меѓуетничка нетрпеливост...Нашиот процес не само културен и во насока на изведба, туку има и образовна, едукативна црта...и т.н. Работата е во тоа што без оглед на тоа што има мешање на текстови, вкрстување на фолклори, еден куп на различни изразни елементи, тие заедно всушност функционираат перфектно. Тоа е идејата.“

Тој дополнува дека композиторската улога е малку релативна во проектот затоа што станува збор за веќе постоечки песни. Дека авторството всушност се темели на заедничката повеќемесечна потрага и преслушување на песни коишто можат да се пејат истовремено.

„Композицискиот дел зад кој ние би можеле да застанеме како творци е моментот на препознавање на таа некоја си музичка црта којашто е еднаква и вклопување на истата во целина која што може реално да функционира. Во тоа е симбиозата.“

Од друга страна, Бехар Весели знае да каже дека обајцата се педагози кои со целокупноиот свој творечки габарит, со познавањето на музичката материја, уживаат голема доверба кај учениците и дека генерално и не им било тешко да ги заинтересираат за проектот. Сепак, дополнува дека првично имало дел од нив кои во него влегле со огромен ентузијазам, но и такви кои пројавиле одреден скептицизам. Сепак, со текот на пробите, а се работело секоја сабота по неколку часа, интересот и возбудата се зголемувале и сега на концертот тие се подготвени да се претстават во полн сјај.

„Сега ќе може да се види и на сцена да се почувствува нивната енергија. Да согледаме всушност како тие реагираат на целата идеја, на целиот проект.“

Инаку, на концертот како солисти ќе се појават тенорот Шинаси Рамадан и сопранистката Јаворка Витанова, а како инструменталисти Симона Богоевска на харва, бас гитаристот Виктор Николовски, Кренар Исмаили на виолина, Благојче Пенов на удиралки, Доријан Јовановиќ на ут и Илија Илиевски на кавал и тамбура. Во однос на поврееменото вклучување на инструменталната придружба Весели истакнува дека таа е во сооднос со композицијата, со цел на нејзино збогатување, но никогаш со идеја да биде првенствена а на хорот секундарна.

„Инструментариумот се појавува во елемент на боја, во функција на надополнување, на разубавување...но во ниту еден момент не ја загрозува првенствената улога на вокалното или на хорското пеење.“

Кон ова само уште информацијата дека по промотивниот концерт на Скопско лето 2016, проектот СИМБИОЗА на 11 јули ќе го отвори Тетовското културно лето, а потем следуваат и перформансите на Охридскиот хорски фестивал ( 25 – 30 август) и на 10 септември во Куманово. Неговите потписници истакнуваат дека би им било чест оваа идеја да ја претстават и во земјите од регионов и воопшто во Европа и светот, дека целат кон тоа, но дека се свесни оти тоа нема да дојде преку ноќ затоа што, конечно, станува збор за малку поголем зафат.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG