Достапни линкови

Доаѓа Нуланд, нов процес или финале на преговорите?


Архивска фотографија

Архивска фотографија

Почеток на нов процес или завршница на договореното со цел да се утврди датум на избори. Ова се разликите меѓу експертите по неофицијалната најава дека на 11 Јули во Скопје доаѓа американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд. Ќе има ли компромис или уште еден датум и празни очекувања?

Иако засега нема официјална потврда за доаѓањето на американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд во земјава, сè поизвесно е дека таа пристигнува во првата половина на идниот месец, а за тоа се информирани и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Македонските и албанските медиуми пишуваат дека Нуланд ќе ги посети Скопје и Тирана. Според некои информации, во Македонија ќе пристигне на 11 јули, а во Албанија ден претходно.

Дотогаш, пак, според извори вклучени во разговорите, се очекува тие да се интензивираат и американската политичарка да се дочека со речиси завршена работа.

Сепак, според аналитичарот Џељаљ Незири, следејќи ги досегашните однесувања на партиите, тие нема да соберат сила дотогаш да ги решат спорните точки, па ќе се чека на нејзиното пристигнување. Тој потсетува и дека во самото постигнувањето на Договорот од Пржино, таа беше вклучена преку телефонски разговори со лидерите.

„Мислам дека доаѓањето на Нуланд ќе биде почеток на нов процес кој ќе биде продолжение на тој што беше прекинат со аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов“, вели Незири.

Политикологот Митко Гаџовски, пак, смета дека до нејзиното доаѓање преговорите ќе се интензивираат.

„Мислам дека доаѓањето на Нуланд ќе биде една завршница за сето она кое дотогаш се преговарало. Во периодот пред нејзината посета или непосредно потоа, очекувам да биде соопштено дека е постигнат значаен напредок и дека може да се преговара за датумот за избори“, вели Гаџовски.

Во меѓувреме, по паузата поради аболицијата, преговорите меѓу партиските претставници со посредство на амбасадорите Џес Бејли и Аиво Орав во Пржино продолжија. Главни теми се прочистувањето на избирачкиот список и медиумите, а засега, како што се информира, нема напредок. По објавата на ДУИ дека би поддржале специјално одделение во Кривичниот суд за предметите од СЈО, очекувањата се дека и оваа тема ќе биде ставена на маса. Идејата зад ваквата најава од партијата на Ахмети, според Гаџовски, е да се подготви јавноста за тоа што следува.

„Една од задачите на Нуланд ќе биде и да ја зацврсти позицијата на Специјалното јавно обвинителство преку механизмите што ќе ги договорат политичките партии, а еден од тие механизми е и специјално одделение во судот што ќе работи по предметите на Специјалното јавно обвинителство“, вели Гаџовски.

Инаку, преговорите на партиските претставници со амбасадорите се очекува да продолжат кон крајот на неделава. Според некои медиуми, по Нуланд во земјава се очекува и повторно да пристигне специјалниот пратеник на Германија за Македонија, Јоханес Ханјдл.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG