Достапни линкови

logo-print

ЕУ: Проширувањето кон Западен Балкан стратегиска инвестиција


Во најновиот документ за идната политика на Европската унија проширувањето на Унијата кон Западен Балкан се оценува како „стратегиска инвестиција во европската безбедност и просперитет“. Во истовреме, Русија се опишува за „клучен стартегиски предизвик“ што претставува своевиден компромис меѓу земјите членки.

Документот наменет за самитот на Европската унија е подготвен од дипломатски претставници откако лидерите на Унијата лани и дадоа задача на шефицата на дипломатијата Федерика Могерини да обезбеди стратегиски оценки како „водич на идните глобални активности на Европската унија“.

Во документот во кој увид имаше и Радио Слободна Европа, се посочува важноста на проширувањето на Европската унија.

Политиката на проширување, која во моментов ги вклучува Турција и повеќе земји од Западен Балкан, како Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија се опишува како „стратегиска инвестиција во европската безбедност и просперитет“.

Ваквата политика, како што се оценува, „веќе придонесе за мир во областите кои порано беа зафатени со војни“.

Во документот нема временска рамка кога овие земји би можеле да станат членки на Европската унија.

Од друга страна, се истакнува загриженоста дека „отпорноста на овие земји се уште не е гарантирана“ и се додава дека „Европската унија ужива уникатно влијание во сите овие земји.

Затоа стратегиски предизвик за Унијата е да промовира политички реформи, владеење на правото, економска конвергенција, и добрососедски односи во Западен Балкан“, се наведува во новиот документ на Европската унија.

Во него особено внимание им се два на односите на Унијата со Русија при што таа се оценува како „клучен стратегиски предизвик“.

Тоа е своевиден компромисен израз меѓу земјите членки, кои се повоинствени кон Москва и оние кои се против ескалација на реториката.

Земјите кои повикуваат на поцврст став кон Кремљ, како Литванија и Полска, сакаа во документот да стои изразот „стратегиски проблем“ кога се оценува улогата на Русија во европската политика.

Овој израз според нив, претходно веќе го користел и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

Другите, главно членки од јужниот, дел биле за фраза слична на онаа „стратегиски партнер“ кој се користеше за Русија пред 2014 година, односно пред руската анексија на Крим од Украина.

Во документот од 32 страници се наведува дека „Европската унија нема да ја признае руската нелегална анексија на Крим“.

„Ние ќе ја зајакнеме Европската унија, ќе ја подобриме издржливоста на нашите источни соседи и ќе го почитуваме нивното право слободно да го утврдат нивниот пристап кон Унијата“.

Во документот не се спомнува политиката на ЕУ санкции како одговор на руската агресија во Украина.

Тоа според аналитичарите, остава простор за подобрување на односите меѓу Брисел и Москва.

„Ќе се ангажираме на разговори со Русија околу несогласувањата и ќе соработуваме ако и кога нашите интереси ќе се преклопат“, се вели во документот.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG