Достапни линкови

logo-print

Специјален суд за специјални случаи


Прес конференција на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Прес конференција на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Партиите не разговарале за формирање специјално судско тело кое ќе ги процесуира предметите од СЈО, но тоа може да биде нивна следна тема. Од власта засега нема такво расположение, но работите може да се сменат.

За посебно одделение во кривичниот суд кое ќе постапува за предметите од Специјалното јавно обвинителство досега не е разговарано на кое било ниво меѓу партиите, тврдат и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

„Никогаш во рамки на разговорите за Договорот од Пржино не станало збор за специјално судско одделение ниту постои логично образложение зошто сега би се отворило тоа прашање“ вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Иво Котевски.

Од СДСМ наведуваат дека ако се имаат предвид досегашните одлуки на судот доколу таква идеја биде ставена на маса тие би ја поддржале.

Владиниот коалициски партнер ДУИ пак веќе најави дека ако во разговорите се отворела таква иницијатива тие принципиелно ќе биле за формирање на канцеларија или посебен оддел во Кривичниот суд. Ваквата најава на партијата на Ахмети според некои аналитичари е најава дека тоа ќе биде и следна тема за разговор меѓу партиите.

„Од досегашното искуство со процесирањето на предметите во судовите кои што се во висок степен партизирани и служат на владејачката гарнитура неопходно е да се формира или специјален суд или специјално одделение во Кривичниот суд“, вели професорот Темелко Ристески.

Но тонот кој доаѓа од власта не упатува на тоа дека има такво расположение. Покрај претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој жестоко го критикува СЈО, со таков тон кон оваа институција се обраќа и шефот на државата Ѓорге Иванов. Тој ги искритикува и амбасадорите, кои како што рече, ни се шетале по судовите и на судиите им се диктирало по телефон што да се работи.

Според аналитичарот Алберт Муслиу без разлика на сигналите што се испраќаат можно е да се постигне договор за специјално одделение.

„Ние минатите 15- 16 месеци сме слушале многу ставови кои за краток период биле сменети. Така што тоа не е една од причините што ме прават песимистичен не само за почнување на разговори за специјално одделение, туку и за успешно завршување на тие разговори“, вели Муслиу.

Според него кога тоа прашање ќе се отвори во пакет би се разговарало и за продолжување на мандатот за СЈО поради опструкциите кои ги имаше досега. Според законот со кој е формирана оваа институција јавниот обвинител може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност. СЈО формално беше формирано во септември, а во декември од таму соопштија дека преземале надлежност за вкупно 34 предмети.
Инаку и едно од барањата на Шарената револуција е формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО. Јавно тоа го побараа и некои експерти, поранешни дипломати, политички партии.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG