Достапни линкови

Светската економија и безбедноста по Брегзитот


Финансиските пазари по британското гласање за излегување од Европската унија во петокот не изреагираа панично, оцени извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард. Сепак, повеќето експерти страхуваат дека тоа и така нема да остане со оглед на сите нејаснотии што ги носи Брегзитот.

„Имаше насилно, брутално масовно движење, а фунтата падна за 10 насто“, изјави Кристин Лагард на Форумот на идеи на Аспен во Колорадо.

Таа додаде дека Централните банки сепак, ја извршија нивната работа, односно ја задржале состојбата под контрола.

Според Лагард, самото изјаснување на Британија покренува голем број прашања, не само за таа земја, туку и за другите европски држави, особено во врска со големиот подем на десничарските движења.

Британскиот министер за надворешни работи Филип Хамонд изјави дека ќе биде катастрофално за Британија ако го загуби пристапот до европскиот единствен пазар, по изјаснувањето да ја напушти Европската унија.

Тој додаде дека нема императив во врска со тоа кога ќе биде покренат членот 50, со кој се отвора процесот за напуштање.

„Преговорите нема да започнат се додека не биде покренат членот 50, а како што премиерот Камерон јасно стави до знаење тоа ќе треба да стори следниот премиер“, изјави Хамонд кој додаде дека станува збор за „внатрешно прашање“ и затоа времето ќе биде утврдено од Британија.

Хамонд, кој водеше кампања да се остане во блокот, изјави дека Британија нема да биде во можност да го задржи пристап до единствениот пазар а во исто време да воведе целосна контрола врз миграцијата од земјите членки на ЕУ.

Во меѓувреме, американскиот државен секретар Џон Кери во Рим пред денешните непланирани посети на Брисел и Лондон изјави дека неговата земја ќе продолжи да има „многу блиски и специјални односи со Британија“.

„Една земја донесе одлука. Очигледно САД се надеваа дека таа одлука ќе биде поинаква. Ама не беше. Соединетите држави ќе продолжат да имаат многу блиски и специјални односи Британија. Од друга страна, очигледно, Европа треба да преземе чекори за да одговори на загриженоста на луѓето во другите земји“, рече Кери во Рим.

Тој побара Британија и ЕУ заеднички да работат во смирувањето на берзите како последица од британското гласање кое предизвика страхување меѓу инвеститорите во светот.

Американскиот советник за национална безбедност Сузан Рајс пак, оцени дека има релативно мал број на итни безбедносни проблеми кои произлегуваат од гласањето на Британија да ја напушти Европската унија.

Таа додаде дека е неопходно членките на НАТО да ја продолжат соработката.

„Британија има клучна улога во нашата кампања за борба против милитантите на Исламска држава и придонесува во нашите колективни напори во врска со безбедноста на целиот свет. Мислам дека директните импликации за безбедноста се релативно мали, рече Рајс.

Претседателот Барак Обама и Дејвид Камерон ќе работат заедно во преостанатото време на Камерон како британски премиер, а ќе се сретнат на претстојниот самит на НАТО во Варшава во јули.

Камерон, поднесе оставка во петокот откако гласачите ги игнорира неговите апели за останување во ЕУ што е најголем удар врз европскиот проект за поголемо единство по Втората светска војна.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG