Достапни линкови

logo-print

СДСМ: Кредиторите да бидат свесни дека задолжувањата ќе бидат оспорени


Единствената цел на новиот ребаланс на Буџетот е создавање на услови и атмосфера за ново задолжување преку еврообврзница, реагира денеска опозицискиот СДСМ. Партијата реагира дека новиот министер за финансии Кирил Миновски „се нафатил да го спасува својот шеф Никола Груевски штом изјави дека со ребалансот планира да крати кај капиталните инвестиции, а истовремено со тоа да го зголемува буџетскиот дефицит“.

„По стапките на заминатиот министер Ставрески којшто ги бркаше пратениците од Парламентот за да донесе неразвоен и нетраспарентен Буџет, новиот министер за финансии чекаше опозицијата да го замрзне своето учество во Парламентот за да донесе нов погубен ребаланс на Буџетот. Ваквите потези се нарачка на Никола Груевски кој по секоја цена сака да ја спаси својата кожа“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Опозициската партија смета дека ова е погубен ребаланс за економијата, дека растот ќе биде помал од 1 отсто, а буџетскиот дефицит ќе достигне 4,3 отсто. СДСМ предупредува дека сите претходни задолжување од оваа година, како и евентуалното издавање на нова еврообврзница „која и официјално ќе биде најавена со овој ребаланс, ќе бидат нелегални и оспорени како јавен долг на грбот на граѓаните“ и оти за тоа „мораат да бидат свесни сите кредитори“.

Владата на синоќешната седница го усвои Предлог ребалансот на буџетот за 2016 година. Се намалуваат очекувањата за раст на економијата од 4 на 2,3 отсто. Со ребалансот се зголемува и буџетскиот дефицит од 3,2 на 3,6 отсто, односно за дополнителни 35 милиони евра.

XS
SM
MD
LG