Достапни линкови

logo-print

Намалени кредитните перспективи на Велика Британија


Кредитната агенција Мудис ги намали кредитните изгледи на Обединетото Кралство поради негативните ефекти врз економијата што ќе ги има одлуката за излегување од ЕУ. Мудис вчера ги промени перспективите на Велика Британија од „стабилни“ во „негативни“. Кредитната агенција соопшти дека размислува и за намалување на рејтингот на земјата кој сега е АА1, поради тоа што намалувањето на растот ќе биде поголемо од заштедите од тоа што земјата нема да плаќа за европскиот буџет.

„На долг рок, Обединетото Кралство можеби нема да може да обезбеди поволен алтернативен трговски договор со ЕУ и со други земји, па изгледите за раст на Обединетото Кралство ќе бидат материјално послаби од она што сега се очекува“, наведува агенцијата и додава дека референдумот за излегување од ЕУ исто така предизвикува загриженост за „предвидливоста“ на економските политики на Британија во иднина, што може да го намали рејтингот.

Конкурентската кредитна агенција Стандард и Пурс, пак, која е единствена што на Британија се уште и го дава највисокиот кредитен рејтинг ААА, пред референдумот соопшти дека рејтингот ќе се намали ако биде изгласано излегување од ЕУ.

Агенцијата Фич вчера соопшти дека гласањето за излегување од ЕУ ќе биде „умерено негативно“ за британските изгледи.

XS
SM
MD
LG