Достапни линкови

„Момент“ на Солески на „Прилепско културно лето“


Вајарот Емил Солески.

Вајарот Емил Солески.

„Момент“ е насловена осмата самостојна изложба на вајарот Емил Солески, со која се отвора годинашната манифестација „Прилепско културно лето“, чиј организатор е Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Осум скулптури изработени во камен ја чинат осмата по ред самостојна изложба на прилепскиот вајар Емил Солески насловена како „Момент“. Станува збор за постановка за која поетот Никола Јовановски ќе напише: „Соединувањето со каменот создава привид на слевање на тишината во громогласниот екот на ѕвекот и екот од дамнини. Моментот има свој почеток, а крајот е во секој од нас. Давајќи му живост на студенилото, топлина на мртвилото, и бројни варијации на димензијата, Емил Солески ни доловува моменти од нашите клокотења преточени во изблик на несекојдневни моменти. Потенцирам несекојдневни моменти оти само тие оставаат трага во времето“.

А, уметникот, пак, вели дека и со ова свое ново претставување се обидува да прикаже дел од убавините што ги имаат градот и околината под Маркови кули и да ја предизвика публиката да не остане нема на неговото творештво.

„Се обидувам да предизвикам одредени чувства при набљудувањето на моите дела. Особено ми е важно што е она што го чувствуваат посетителите при допирањето на скулптурите. Целта ми е предизвикување на позитивни емоции, односно на оние моменти што ние како луѓе имаме потреба да ги доживуваме заеднички и тоа засебно во рамките на овие и ваквите културни настани.“

Роден 1969 година во Прилеп, Емил Солески студирал на Факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек вајарство во класата на професор Бранко Конески, со конзервација и реставрација кај професор Благоја Кузмановски. Дипломирал во 2002 под менторство на професор Жарко Башески, а првата самостојна изложба со наслов „Ритам“ ја имал во рамките на манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ во истата година.

Зад себе има седум самостојни изложби во родниот град и во Крушево и учествувал на бројни групни претставувања и колонии во земјава и во странство.

Солески работи и монументална скулптура. Автор е на седум бисти на народни херои во Могилата на непобедените и на спомениците на Пере Тошев и Пеце Атанасовски во Прилеп. Говорејќи, пак, за континуитетот на своето творештво тој знае да каже дека од самиот негов почеток се определил да работи со камен. Сепак, тоа не значи дека понекогаш не го остава настрана за да се впушти и во експериментирање со други материјали.

„Имам огромна желба да експериментирам, да се впуштам во потраги со други материјали...меѓутоа во контекст на темата почнав со еден ритам кој е потреба на секој човек, па и на мене лично. Ритам на живеење, ритам на доживувања, ритам на сегашноста...односно сето она движење кое што ние луѓето го имаме. Од таму се обидов во оваа поставка да го сведам на одредени до некаде апстрахирани моменти. Не дека тие некогаш не се доближуваат до некои натурални форми што е дел од мојата потреба да бидам близок со природата.“

Од друга страна, со отворањето на оваа изложба практично започна и годинашното „Прилепско културно лето“, манифестацијата зад која години наназад организациски стои Центарот „Марко Цепенков“.

Во рамките на ова случување, до крајот на август, на отворените сцени во градот ќе бидат одржани бројни концертни настапи, како оние на хорот „Св. Злата Мегленска“, на харфистката Мерсиха Шукри, групата БАКЛАВА, ФИН ПРОЕКТ, не помалку ликовни изложби, интернационалната колонија „Дрен“, театарски претстави, фестивалот „Изворен фолклор на балканските народи“...и така со ред.

„Концептот на манифестацијата се потпира на нашата заложба како установа да го претставиме рецентното македонско уметничко творештво. Да им го понудиме на прилепчани она што е посебност и што фактички не влегува во сферата на интерес на комерцијалните продуценти. И сето тоа да се случува во вечерните часови и тоа под ведро небо. На отворените сцени во градов и најмногу на плоштадот Александрија. Од таму нималку не се сомневам дека и овојпат интересот ќе ги надмине нашите очекувања како негови потписници“, истакнува директорот и ликовен уметник Тони Чатлески.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG