Достапни линкови

Заев: Подготвени сме за избори


Заев: Подготвени сме за избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:12 0:00

Од државата се крадат 400 милиони евра годишно. Само ова да остане во Македонија, ќе може да се искористи и за враќање на кредитите, но и за развој, вели претседателот на СДСМ Зоран Заев, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Заев, пред изборите во 2006 година, имавме интервју со тогашниот опозиционер Никола Груевски. Во тоа интервју, тој тогаш ја објави неговата изборна програма, победи на изборите и од тогаш не ни даде интервју. Каде е вашата програма за која велите дека ја имате цела година?

Програмата на СДСМ ја донесовме на конгресот во декември 2015 година, 224 страници, работена повеќе од една година со вклучен граѓански сектор и граѓански организации. Програма разработена во секој сегмент, соодветно нудејќи решенија за секојдневните актуелни проблеми во Република Македонија, со една среднорочна визија за четиригодишен мандат на нова влада. Не само програма, веќе ги имаме изработено и флаерите заради водење кампања, но го чекаме моментот кога тоа ќе се случи.

Значи, вие сте спремни за избори?

Спремни сме за избори. Ние сме единствената партија којашто во декември донесе изборна програма на конгрес, подготвена со формиран штаб да влезе во изборни активности.

Дали ако ја освоите власта ќе бидете отворен и за оние критички настроени медиуми кон вас?

Гаранција на тоа е моето присуство кај Латас, моето присуство кај Богатинова, коишто, барем според нас, се перјаници на власта. Бевме таму, колку и тоа да изгледа незгодно, критички за нас или ризично. Политичарите мора да бидат транспарентни, не може да ги бираат медиумите, мора да бидат секој пат на повик на интересот на медиумот затоа што само на тој начин граѓаните ќе бидат во тек со сите актуелни состојби во државата.

Да се вратиме на програмата, во изминатите недели гледав неколку интервјуа со вас и не видов ништо за вашите економски проекти со кои ќе настапите на тие избори и со кои луѓе. Кој е вашиот тим, кои се луѓето од СДСМ кои би се соочиле со економските предизвици?

Околу 65 проценти од програмата е економија. Главна задача е работни места и тоа квалитетни. Просечната плата да биде над 500 евра. Парите да ги вратиме назад кон граѓаните. Како социјалдемократи и левичари веруваме дека ќе ни ја биде државата ако народот има пари. Тоа ќе обезбеди и нивно фиксирање овде, во Македонија, да ја спречиме миграцијата и дај боже да почнеме да ги враќаме младите кадри коишто заминаа. Како ќе го правиме тоа? Директно користејќи ги домашните ресурси. Некои прашуваат дали може, презадолжена е државата и слично. Од државата се крадат 400 милиони евра годишно. Само ова да остане во државата е силен потенцијал и за враќање на кредитите, но и за развојни димензии на нашето општество.

Сите проценки велат дека идната власт ќе треба да вади костени од оган. Дали вие ќе бидете премиер ако победите на избори?

Ако народот одлучи да му ја даде честа на СДСМ како прворангирана партија во Македонија, да, секако ќе ја зграпчам оваа чест да покажам резултат. Јас можеби сум прв политичар во врвот на големите политички партии, којшто доаѓа од практичниот, од деловниот сектор. Јас сум убеден дека Македонија може да биде земја за почит со којашто сите ќе се гордееме. Економските политики мора да дадат резултат којшто ќе го почувствуваат сите граѓани, сите семејства во Република Македонија.

За да победите или изгубите треба најпрвин да има избори. Можни ли се фер и демократски избори и кога?

Можни се и заради тоа оваа демонстрација на трпение, посветеност, флексибилност и целосна мотивираност во целиот овој процес. Договорот од Пржино гарантираше еден куп услови Минимум два од нив мора да бидат исполнети.

Досега СДСМ го одложуваше датумот за избори. Сега кому одговара одложување?

Договорот од Пржино има конечна цел – полн легитимитет на победникот. Условите се целта на договорот од Пржино, а не датумот. Чуму ни се нови криминални избори, кој има корист од тоа? Граѓаните сигурно не. Затоа, регулирање на медиумите е еден од условите и тоа е минимум - Македонската радио-телевизија и Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Вториот дел е прочистен избирачки список на којшто граѓаните ќе му веруваат. Тие два минимум услови бараме да бидат исполнети за да може опозицијата да има фер третман за рамноправна застапеност во медиумите и меѓу другото граѓаните да знаат дека нивниот глас ќе има влијание врз тоа кој ќе ја добие честа да ја води Македонија.

Значи, генерално имате два проблеми да решите со ВМРО-ДПМНЕ, едниот е избирачкиот список, а вториот се медиумите. Вие јавно го поддржавте предлогот на меѓународната заедница, односно на посредникот Питер Ван Хојте. Каде е проблемот? Што е спорно меѓу вас и ВМРО-ДПМНЕ?

Не сака власта да ги тргне своите политички канџи коишто ги има ставено врз Советот на Агенцијата за медиуми и врз МРТВ. Предлогот на меѓународната заедница е тие да бидат заменети со експерти, од еснафот, од фелата, новинари, коишто имаат најмалку 8 години работно искуство, најмалку пет години да биле на раководни функции или слично, што се меѓународни критериуми. Не се согласуваат со оваа работа. Дадовме и други иницијативи, сè со конечна цел побрзо да заврши оваа криза преку регуларни, фер и демократски избори.

Што сакате да постигнете со тоа што нема да учествувате во работата на Собранието?

Сакаме уште еднаш да испратиме пресериозна порака до Уставниот суд да донесе одлука, не прејудицираме каква, да донесе одлука за уставноста на Специјалното јавно обвинителство пред да влеземе во летните одмори, односно судиите да одат на летните одмори. Многу чесно, само да ја донесат одлуката. Затоа го поддржуваме тоа што го испорачаа граѓаните од Шарената револуција, тоа е принципиелен предлог и веруваме дека Уставниот суд ќе се одважи после 8 месеци иницијатива, кога има пракса за одлуки од 3 до 5 месеци, да донесе одлука за вакво сериозно прашање. Тоа е нашето барање.

По вашите „бомби“ коишто ги објавивте граѓанството во Македонија како да се разбуди, меѓутоа имаше впечаток дека СДСМ не го вади масовно членството на улица, барем не до понеделникот. Зошто, стравувате од нешто?

Не. Сакавме да им дадеме целосно отворен простор на граѓаните. На луѓето некој пат им е преку глава од политичките партии. Сиве овие 25 години постои голема разочараност. Овие граѓани на улица се едно здраво нешто за Македонија, тие граѓани ќе си ја чуваат својата земја од секоја наредна власт и убаво е тие да го имаат приматот. Дури и кога се појавуваме, нè гледате на крајот на поворката, некаде периферно за да не им го земеме приматот на тие граѓани коишто се охрабриле и одважиле и да покажат дека се тука, решени да се борат за својата земја.

СЈО е во центарот на овие протести? Имате ли проценки во партијата што ќе се случи со ова обвинителство ако Пржинскиот договор пропадне?

Јас верувам дека Пржинскиот договор нема да пропадне. Посебно искра надеж за враќање на правдата е тоа Специјално јавно обвинителство. Тоа е институција формирана со консензус во парламентот, консензуз помеѓу политичките партии, дури и Катица Јанева има целосна поддршка од сите претседатели на најголемите политички партии. Груевски даде согласност, исто како што дадов и јас, за Катица Јанева и за законот, целосно отворена можност таа сама кадровски да го постави тимот во СЈО. И мене не ми е баш пријатно кога сум исправен таму за „Пуч“ или за кој било од предметите за коишто има можност да биде отворена иницијатива против некои опозиционери, но ние ветивме дека покрај политичката, мора да има и правна одговорност, правна разрешница за да може граѓаните пред изборите да имаат чиста состојба при носењето на нивната одлука.

Велите дека сте отворени за ширење на вашата коалиција? Каков е вашиот однос кон новиот политички субјект Левица?

Со Левица имаме прекрасна соработка, но во многу прашања сме различни и треба да бидеме различни, не сме иста политичка партија. Ние се бориме за различноста во ова наше општество. Имаме соработка со сите опозициски партии, еден дел се нашата коалиција, друг дел се надвор од нашата коалиција, трет дел се новоформираните партии, четврти дел се малите партии на Албанците, со сите градиме соработка и ги повикуваме на уште похрабра соработка, па дури и на предизборни коалиции во функција на паѓање на режимот во Македонија.

Добро, но имаше и такви анализи дека Левица би можела да одземе дел од гласачкото тело на СДСМ. Стравувате ли од тоа?

Апсолутно не. Ако ние не сме достојни да си го задржиме нашето гласачко тело, нека го земе кој било ако за тоа е заслужен. Сепак, тоа зависи од потенцијалот на СДСМ, од оваа програма, од нашите кадри коишто ќе ги претставиме навремено пред јавноста. Прашавте кои се кадрите - тие што ги гледате таму како протестираат, да, таму се и СДСМ и другите опозициски партии и граѓаните. Секој што е квалитетен потенцијал во Македонија, што се охрабрил и одважил и што е решителен да се фати во костец со оваа тешка состојба во Република Македонија е добредојден. Еден нов квалитатив на СДСМ е токму тоа. Штом органите на партијата ќе донесат одлука заедно со граѓаните, ќе ги соопштиме со име и со презиме сите кадри, како една би рекол влада во сенка пред изборите, за да знаат граѓаните, покрај пратеничките листи, што е тоа што во иднина може да го очекуваат како кадровски потенцијал од СДСМ, опозицијата и граѓанскиот сектор.

Многумина, пред сè во јавна администрација, некако по дефиниција стравуваат од промена на власта, поради страв од губење на работните места пред сè. Како вие би се однесувале кон членството на ВМРО-ДПМНЕ ако се вратите на власт?

Неколку пати зборувам на таа тема и ќе бидам најпрецизен што можам. Јавно ветувам дека никому нема да му фали влакно од главата поради тоа што не е за СДСМ или за опозицијата. Може кој било да изгуби работно место ако не си ја гледа работата. Ќе бараме ефикасна и ефективна јавна администрација. Тоа е возможно на неколку начини. Ќе воведеме и втора смена во јавната администрација заради рационализација и можноста вработените во јавната администрација да си завршат работа и после работа. Да ги пополниме сите празнини, некаде има дефицит, како негуватели во градинките или слично. Ова го кажувам за сите да бидат убедени дека никому нема да му фали ништо. Преку глава ни е од поделби во оваа наша Македонија. Дај заедно сплотени да изградиме критериуми, нормативи, правила на игра, тој што вреди и го бива, да напредува, тој што не вреди, да се потруди да вреди и да си го најде своето место таму каде што може државата да има корист. Администрацијата мора да биде сервис на граѓаните, на бизнис секторот, на малите и средни претпријатија, да им биде слуга, а не да бидат главно страшило тие што одлучуваат во полза на граѓаните од коишто преку даноците земаат плата.

За на крај уште едно прашање. Дали проблемот за името со Грција ќе се решава во пакет на крајот на оваа криза. Каков е ставот на СДСМ за ова прашање?

Никој не го отворил тоа на маса, а преговорите траат повеќе од една година. Јас не очекувам тоа прашање да биде отворено поради тоа што нам ни е јасно, а верувам дека и на меѓународната заедница и на нашите политички противници, дека само стабилна, целосно кредибилна политичка влада може да влезе во решавање на овој проблем. Ние на решавање на овој проблем гледаме преку консензус. И политички и граѓански, транспарентно, со чекор кој ќе го заштити нашиот дигнитет, нашата национална посебност, нашето уставно име, сè со конечна цел да направиме исчекор којшто ќе биде некаде прифатлив и за нас и за Грција, но притоа јас ќе останам Македонец. Мојот татко и дете биле Македонци, а јас и во иднина моето дете ќе останат Македонци.

  • 16x9 Image

    Зоран Ќука

    Во Слободна Европа во Прага е од нејзиното формирање на 1 Септември 2001 година. Кариерата ја започна во Македонското радио, па следат ТВ - А1 и ТВ Телма, со истовремена дописничка работа за Радио и ТВ Босна и Херцеговина, Загребското Независно 101 Радио, и Љубљанското Студент Радио.

XS
SM
MD
LG