Достапни линкови

Дневен печат – Брегзит и политичката криза


Британскиот референдум за излегување од ЕУ, како и политичката криза во Македонија се едни од главните теми во дневниот печат.

„Британците гласаат за останување или заминување од ЕУ“ - информира Утрински на насловната, заедно со мислења на наши економски експерти дека „Брегзит индиректно може да ја погоди и македонската економија, зашто доколку европската економија поради одлуката на Британците прикаже полоши резултати од очекуваното, тоа ќе ја намали извозната побарувачка од земјава“.

Нова Македонија пишува: „Каков и да биде резултатот од гласањето на Британците, ЕУ мора да се реформира; ЕУ може да напредува само со јасна политичка визија и со институции што функционираат ефикасно во нормални времиња, но и во периоди на кризи“.

Додека Британците го имаат проблемот со останување или заминување од ЕУ, кај нас: „Амнестија за Иванов – очекуван крај на првиот импичмент“ - пишува Утрински. Истиот весник ја објавува и реакцијата на СДСМ: „Единствена правилна одлука е Иванов да замине“.

Вечер е полн со одвоени наслови со цитати од синоќешното обраќање на Иванов до нацијата: Едниот наслов, на пример, гласи: „Заев да го одржи дадениот збор и да поднесе формално барање за повлекување на неговото помилување“.

„Преговорите продолжуваат во ДИК – најавена е средба на работната група за Избирачкиот список на која ќе учествуваат претставници на партиите, на ОБСЕ, САД и на ЕУ, како и на невладиниот сектор“ - известува Утрински.

Дневник насловува: „Силвана Бонева – член на ДИК: Никој не знае зошто СДСМ зборува за спорни гласачи“.

Слободен печат информира дека: „Шарените револуционери се сè почеста жртва на ‛црните кошули‛‟, наведувајќи дека групи маскирани насилници напаѓаат лица што се борат за правда. „Тоа е вистинското лице на овој монструозен режим“ - го цитира весникот соопштението на движењето „Левица“, откако по протестот во понеделникот била претепана нивна активистка од непознати маскирани напаѓачи.

Слободен печат информира за „Мафијашки удар врз професорот Мирослав Грчев: кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување“. Професорот Грчев е единствениот експерт во земјава за урбанизам и изврши вештачење на урнатата зграда на Фијат Цаноски за што, како што се дозна од „бомбите“, се договарале Груевски и Јанакиески.

Не мала вознемиреност и реакции предизвика и говорот на Груевски на роденденот на неговата партија: „Народот го губи трпението, ситуацијата може да излезе од контрола“ - го цитира Утрински, дополнувајќи дека Груевски изјавил дека „е под притисок на илјадници граѓани кои бараат поддршка за порешителна народна акција“. Весникот пренесува мислења на политички аналитичари кои сметаат дека воинствената реторика и најавите за радикализација во говорот не се во насока на изнаоѓање излез од кризата.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG