Достапни линкови

„Скопје за Боуви“ - Духот на Бунтовникот во Градски парк


„Скопје за Боуви“ е насловено годинашното, деветто по ред издание на мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“, што во организација Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар ќе се одржи овој четврток, на 23 јуни, од 21 часот, во Градски парк.

„The Man Who Sold The World“, „Let’s dance“, „China girl“, „Space oddity“, „Lazarus“, „Life on Mars“, „Ziggy Stardust“, „Ashes to Ashes“, „Rebel Rebel“ ...се само некои од класиците на еден од највлијателните уметници во поп-културата, неодамна починатиот Дејвид Боуви, кои се земени како темелници за годинашното, деветто по ред издание на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“. Мултимедијалниот настан, зад кој вообичаено со својата логистика стојат Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар, овојпат е именуван „Скопје за Боуви“ и е, во некоја рака, силна самосвојна заложба не само да се потсети на громадното дело на Рокенрол камелеонот туку и преку него да се упати силен апел за зачувување на урбаниот дух на градот кој под ударите на провинцијализмот и турбоизацијата неповратно исчезнува.

И, уште малку техникалии. Со Оркестарот ќе диригира маестро Џијан Емин, на сцената во Градски парк во фокусот ќе биде бендот во кој, само за оваа пригода, ќе свират Ади Имери (вокал и гитара), Александар Поп Христов (гитара), Иван Бејков ( бас), Благоја Перуновски (клавијатури), Мартин Вучиќ (тапани) и Маријана Николовска ( пијано), а во изведбата бележито место има и Женскиот младински хор при МКЦ.

Џијан Емин, кој како оркестратор и диригент зад себе ги има проектите со големите Дерик Меј и Хуан Аткинс, во предвечерието на концертот, вели дека „ова за него е како остварување на еден од детските сништа“.

„На почетокот имав идеја, односно размислував, да избегам малку од она што е основата на Дејвид Боуви и на неговите песни и да направам некакви „уметнички, музички раздвижувања“, меѓутоа како почнав да работам констатирав дека музиката и вокалните линии и сите хармонски прогресии се толку точни, така да јас што и да направам, што и да додадам би можел да го расипам. Во тој контекст има места каде што има додавано нови тематски материјали, меѓутоа сето тоа е во служба на оригиналната музика и оригиналните линии на Боуви.“

Емин потенцира дека тие зад себе имаат цел симфониски оркестар, па така звукот ќе биде сосема различен од веќе општо прифатениот на Белиот војвода и дека тој лично „се надева оти успеал да постигне таков ефект само да ја зголеми енергијата и да ја збогати бојата на музиката и аранжманите што Боуви ги има во неговите автентични изведби.

Ади Имери, кој од своја страна ќе има одговорна задача преку стиховите да ни ја донесе Боувиевата поетика, вели дека влијанието на Бунтовникот врз неговиот живот, музички или бико каков, во најмала рака било монументално. Дека тој му има дадено утеха во најтешките моменти и еуфорија во радосните. Дека секојпат кога е во недоумица само се прашува: „Што би направил Мајорот сега?“...и на тој начин ја разрешува креативната дилема. Конечно истакнува дека неговата смрт ја доживеал како огромен шок. Дека таков лик едноставно не можеш ни да го поистоветиш со обичен човек од крв и од месо со дефинитивен рок на траење.

„Оваа прилика да учествувам во ваков прекрасен поздрав до него е нешто навистина специјално, и доколку кога бев мал некој ми кажеше дека ќе ги пеам и свирам овие песни на концерт придружуван од бенд, хор и оркестар , најверојатно ќе се згазев од смеење и ќе му удрев шлаканица. Сега сум почестен и благодарен. Ќе се обидам да направам баланс помеѓу мојот личен потпис како музичар и пејач и некои негови особини, во знак на почит спрема великанот, таткото на сите нас фрикови и Црната ѕвезда водилка која ни го осветлува патот во минатото, сегашноста и за навек.“

На актуелната „Види музика, слушни слика, добиј книга“ за визуелниот дел се задолжени ликовните уметници Агрон Абдули и Ивана Младеновска, а на присутните ќе им бидат поделени 20 илјади примероци од книгата „Психоделија во предградието - Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ од Мери Финиган.

Книгата зборува за самите почетоци на кариерата на Боуви, кога како 22-годишен музичар очајно се обидува да најде некој клуб во Лондон, каде што ќе може да свири. Финиган пишува во прво лице, како тогашна негова пријателка и љубовница и дава директни сведоштва за периодот од кариерата на Зиги за кој досега сме знаеле многу малку.

Тоа е дело за едно момче коешто експериментира со ЛСД, со алкохол, и што на својата прва песна ѝ дава наслов „Space Oddity“. Што понатаму се случува со него, на сите им е познато.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG