Достапни линкови

Масовни и тензични протести на Шарената револуција


Демонстрантите од Шарената револуција на денешните протести се обидоа да го урнат споменкот на Прпметеј во паркот-Жена Борец по што настанаа тензии со полицијата. Тие фрлаа камења и други предмети кон безбедносните сили. Претходно го обоија Собранието и Министерството за правда. Беа искршени и прозорците на министерството.

Тензии меѓу полицијата и демонстрантите се случија на денешните масовни протести на Шарената револуција во Скопје. Полицијата ги спречи демонстрантите да го урнат споменикот на Прометеј во паркот Жена борец. Демонстрантите претходно го врзаа со платна споменикот и ги отстранија даските околу објектот. Полицијата потоа не им дозволи пристап на демонстрантите кон споменикот. Демонстрантите притоа фрлаа камења и разни предмети кон безбедносните сили, по што ситуацијата се смири. Претходно зградата на Министерството за правда беше обоена со компресори и со големи количества на боја. Демонстрантите и со циглли ги искршија прозорците на институцијата извикувајќи „Шутка не ти бега Никола“. Потоа протестот продолжи кон Собранието a и во него заврши боја.

Пред зградата на Владата, активистот од Шарената револуција Павле Богоевски ги повтори главните нивни барања- граѓаните да бидат дел од сите преговарачки процеси, Уставниот суд да се произнесе за СЈО и да се формира специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на СЈО. Тој вчера беше приведен поради герила акција на Камениот мост додека траеше прославата на ВМРО-ДПМНЕ за роденденот на партијата.

Потпреседателката на СДСМ Радмила Шекеринска пак рече дека на народот му е било преку глава и дека Груевски не можел да го контролира.

„Веќе нема молк во Македонија. Стравот беше во секој македонски дом, а сега е само во една фамилија и таму ќе остане. Затоа Груевки вчера преплашен, се обидува да сврти народ против народ, но ќе види дека нема шанси. Оваа криза има само еден излез – а тоа се правда и одговорност. Оние кои краделе мора да одговараат. Денеска овој народ излезе да бара правда и мир и му порачува на Груевски дека нема шанса за уште едни криминални избори“рече Шекеринска.

Протестот кој почна во 19 часот пред просториите на СЈО го организираше Шарената револуција, а кон него се приклучи и целото опозициско раководство. Денешните протести беа едни од најмасовните од почетокот на Шарената револуција.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG